Заштитата на животната средина, родовата еднаквост и поддршката на ранливите групи граѓани се трите клучни области за чиј развој, земјава ќе добие поддршка од Франција. Имено, откако вчера премиерот Зоран Заев објави дека Француската агенција за развој влегува во земјава, регионалниот директор за Западен Балкан, Доминик Отберг на брифинг со новинарите објасни како Франција ќе ни помогне да ги достигнеме европските стандарди.
Агенцијата размислува за отворање канцеларија во земјава, но не веднаш, бидејќи прво ќе треба да се почне со реализација на проектите. Франција нема одредено конкретна сума со која ќе и’ помогне на земјава да реализира проекти од повеќе области, бидејќи како што вели Отберг не постои „посебна папка“ за земјата.
„Имаме ограничени ресурси, па финансирањето пред се’ ќе оди според ритамот на подготовка и зрелоста на проектите за кои ќе биде побарана поддршка. На пример, ако имаме сума од 200 до 300 милиони евра годишно за земјите од Западен Балкан не можам да кажам дека ќе доделиме по 300 евра за Македонија. Помошта ќе се зголемува, а тоа ќе значи поддршка за јавните политики“, објасни тој на денешниот брифинг со новинарите.
Оваа Агенција веќе има предвидено сума од 160 милиони евра за повеќе активности за поддршка на Албанија, а од 2019-та година има своја регионална канцеларија во Белград. Токму преку таа канцеларија меѓу другото, е финансиран проект за претприемништво на млади, со кој се поддржани и млади од Македонија. Одговарајќи на прашање зошто дури сега оваа Агенција влегува кај нас, Отберг рече дека треба да се земе предвид ситуацијата во земјава.
„Имаше техничка влада, па предвремени избори и тоа треба да се земе предвид. Агенцијата за првпат во 2018-та година доби поддршка од француската влада да дејствува во земји кои по вокација треба да станат членки на ЕУ. Првиот мандат за делување беше во Албанија и почнавме со таа земја, но за да може да делуваме во земјите треба да се потпише меѓувладин договор, а со Северна Македонија потпишавме пред пет недели. Ќе направиме се што можеме за да одговориме на потребите и за да ги утврдиме приоритетите“, потенцира регионалниот директор.
Според него, Агенцијата располага со цела палета на финансиски и нефинансиски инструменти. Ова тело им дава на земјите заеми однсно суверени и несуверени грантови за поддршка. Освен централнат власт, поддршка може да добијат и локалните самоуправи, како и јавните претпријатија.
„Агенцијата има и специјално финансирање за соработка со невладиниот сектор. Ние финансираме и француски и локални невладини, но таа соработка е посебна и специфична, бидејќи ние финансираме само 50 проценти од проектите, а за останатиот дел организациите треба самите да се мобилизираат“, објасни регионалниот директор. Тој укажа дека приоритет имаат проектите кои се во допир со социјалната област.
„Даваме поддршка на најранливото население, делуваме и во полза на родовата еднаквост, но посакуваме и нашите проекти да се поврзани со Парискиот договор за заштита на климата. Нашата идеја е да комбинираме активности кои имаат импакт на животната средина, за да одговориме на потребите за биодиверзитет или заштита на природните ресурси. Секторите кои би ни биле приоритетни се третирањето на отпадот, намалувањето на загадувањето и енергетската ефикасност на објектите во кои се сместени установите“, додаде Отберг.
На денешниот брифинг со новинарите во зградата на МНР, присуствуваше и францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер. Тој потенцира дека Агенцијата има активности на сите континенти и дека е финансиер на проекти во повеќе од 115 држави. Француската агенција за развој, има годишен буџет од 14 милијарди евра, и работи на 4.000 проекти. Француските претставници освен со премиерот Заев, остварија средба и со министерот Бујар Османи, а како што соопштија, преку посетата на земјава подобро ќе може да идентификуваат каде може да помогнат.
Вања Мицевска