Срамота! Прилепчанец ги украде парите за помош на Гоце Илиески, возач на брза помош, кој се бори за живот – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 1:15 PM

Срамота! Прилепчанец ги украде парите за помош на Гоце Илиески, возач на брза помош, кој се бори за живот

„Вчера вечерта лице со „веспа“ ја украде кутијата со пари која се собира за Гоце во центарот на Прилеп. Срамота, кај ќе му оди душата„, е само еден од коментарите на социјалните мрежи, кои се пишуваат под сликите со празно столче. А столчето, кое со кутија стоеше во центарот во Прилеп е наменето за собирање помош за лекување на нивниот сограѓанин Гоце  Илиески, возач во прилепската брза помош, кој е заразен со Ковид-19 и се бори за живот во една од приватните болници во Скопје. Хуманите луге веќе 10 дена собираат помош за да се плати лекувањето на Гоце, а дополнително, покрај телефонските линии за донирање кутија на столче беше оставена и во центарот на градот. Но, како што се пишува по социјалните мрежи столчето остана празно, бидејќи припепчанец со „веспа“  ја украл кутијата со пари.

Прилпечани се во шок од нехуманоста на одредени луѓе и ја повикуваат прилепската полиција да го расчисти случајот. Тие бараат да се прегледаат и камерите од околните дуќани, за да се види регистрацијата на моторот.

ММС пред 10-тина  ја напиша приказната за Гоце и за неговата борба, повикувајќи ги сите хумани граѓани да донираат средства за да се платат болничките трошоци.  За Гоце се отворени и телефонски линии за донирање: 143414 за корисници Телеком 143504 за корисници А1 Цената на повикот е 100 денари!

Гоце Илиески од Прилеп, возач во Брза помош, 12 години брза да помага на други, но дојде денот кога хуманите луѓе треба да му возвратат. Дали Гоце ќе ја загуби битката со болеста или ќе има среќа на неговите 42 години повторно да застане на нозе и да спасува животи, зависи и од доброто срце на луѓето, кои се молат да донираат средства, за да може тој да го плати лекувањето.

ММС разговараше со негови колеги и роднини и сите се со споени раце, со молба за помош до сите познати и непознати за спас на овој млад живот.

-Има само 42 години, со Ковид- 19 се зарази тука, на работното место. Ние во Брза помош веќе половината го имаме поминато Ковид-19, кој полесно, кој потешко, но ете Гоце многу заглави. Сите собираме и сите ги молиме да помогнат, вели доктор Гордана Николовска – Димеска од прилепската Брза помош.

ММС го контактираше и неговиот братучед Диме Наумчески, кој ни ја објасни трагедијата на нивното семејство , но и тоа дека им е тешко да обезбедат пари за лекување, бидејќи,  како што потврди и тој,  плаќаат 2.250 евра на ден.

-Со Гоце сме први братучеди, но бидејќи тој нема браќа и сестри, ние сме како браќа. Нашето семејство со оваа опака болест се бори од почетокот на декември. Прво почина татко ми од Ковид-19, потоа на осми март почина мајката на Гоце. Тој сеуште не знае дека мајка му починала, бидејќи веќе две недели е во болница во критична состојба. Ја имаше само неа, бидејќи татко му почина уште во 2007 година.  Тажно е што Гоце цел работен веке е посветен на работата, со Брза помош цел живот помага на други, но сега навистина нему му е потребна помош. Можете да замислите колку животи спасил. Неговата состојба е исклучитечно тешка, секој динар е важен. Се надеваме, се молиме  дека тој ќе ја преброди болеста. Да не му затреба на човек ваква помош, но ајде да бидеме луѓе и да помогнеме, вели Наумчески и додава:

–  Гоце навистина е душа човек, никакви комборбидитети немал. Секој ден околу 16 часот добиваме информации за него и секој ден со страв го чекаме 16 часот кога ќе ни заѕвони телефон со непознат број. Срце ни се стега каква вест ќе чуеме. Но, се молиме се да биде во ред и се надеваме на подадената рака на хуманите луѓе, вели Диме.

Во 19 00 ч. лице со веспа ја украде кутијата со пари која се собира за Гоце во Центарот на Прилеп …..СРАМОТА 😞😡😠

Posted by Urban Prilep on Tuesday, March 30, 2021