Изутрината почна вакцинацијата на граѓаните над 77 години – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 7:25 AM

Изутрината почна вакцинацијата на граѓаните над 77 години

Вакцинација на 20 000 граѓани на возраст над 77 години со хронични болести почнува денеска во вакциналните пунктови ширум земјава.

Според најавите, вакцинацијата од денеска почнува во поликлиниките „Јане Сандански”, Чаир и Букурешт во Скопје, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица, како и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе почне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

– Националниот систем „Мој Термин” ги отвори термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација на овие гараѓани. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9577 термини, а досега закажани се 5976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст. Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа, каде се спроведува вакцинација против Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

Тие 20 000 граѓани ќе примат вакцина од компанијата „АстраЗенека”, чија пратка од 24 000 дози пристигна на 28 март на аеродромот во Скопје преку Ковакс механизмот.

Се очекува да стигнат уште 76 000 дози вакцини од „Астра Зенека” исто така преку Ковакс механизмот кои ќе бидат предвидени за ревакцинација, како и поголеми количини вакцини и од Кина и Русија.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа во гостување во „Клик Плус” на ТВ21 најави дека земјава ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „АстраЗенека”.

– Вечерва по двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со „АстраЗенека’ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани на возраст над 77 години, рече Филипче.

Тој додаде дека дополнително ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА) за став во врска со вакцината на „АстраЗенека” по одлуките на Канада и на Германија.

– Буквално секоја вакцина која влегува во земјава е сигурна и безбедна. Националната стратегија е правена за да се категоризираат ризичните групи. Ќе ги следиме сите насоки кои произлегуваат од меѓународните регулатори, додаде Филипче.

Претходно, министерот Филипче најави дека април ќе биде месец кога се очекува вакцините да стигнат од повеќе места и после оваа приоритетна група граѓани над 77 години и други граѓани да се повикаат и да бидат вакцинирани.

Целокупниот процес на вакцинација ќе се одвива во тоа што е напишано во националната стратегија за имунизација и приориетните групи се одредени од страна на Светската здравствена организација.

Досега во државава се вакцинирани 7005 здравствени работници. Над 4000 примија вакцина на „Фајзер” и беа ревакцинирани. Во државава викендот пристигна и втората пратка од руската вакцина „Спутник В”, наменета за ревакцинација на 3000 здравствени работници, кои веќе ја примија првата доза од истата вакцина.

Одреден број наши граѓани се вакцинираа со „Астра Зенека” во Србија, меѓу кои имаше вработени во компании, новинари… Министерот Филипче посочи дека за граѓаните кои ја искористиле можноста и се вакцинирале во Србија побарал да му биде испратен електронски список со цел тие да се ревакцинираат во нашата земја.

Во меѓувреме во тек се подготовките за масовната имунизација и во текот на следната недела ќе биде целосно подготвен големиот пункт во спортската сала „Борис Трајковски”.

Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи ова е специфичен период.

– Има доволно болнички места, нема потреба за паника, но со почитување на мерките сите помагаме трансмисијата на вирусот да се намали, порача вчера министерот Филипче.

МИА