Фирмата „Брачна игра дооел“, во сопственост и управување на Игор Џамбазов, е една од фирмите кои земале ненаплатлив кредит од „Еуростандард“ банка и според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма нема платено ниту една рата 469 дена пред затворањето на банката.
Ова е само дел од напишаното во меилот што го испратија оштетените шетедачи на „Еуростандард“ банка. Тие во информацијата до медиумите велат дека според билансите на фирмата, во годината кога е земен кредитот, оваа фирма немала ни приходи. Основана е во мај 2016 година, без вработени, со седиште во општина Карпош во Скопје и непаричен влог од пет илјади евра. Во изминатите години од нејзиното основање, фирмата плива во долгови, со задолженост од околу 120 отсто. Без приходи, со меница како единствено обезбедување за земениот кредит, оваа фирма е сега кандидат за затворање како деловно неактивна, се вели во информацијата.
Според нив Џамбазов, ја искористил својата фирма за да му биде одобрен ненаплатлив кредит, веројатно договорен со некој од раководните лица од „Еуростандард банка“, за да не го врати. Тие прашуваат како е можно оваа фирма да добие кредит само на основа на обична меница, а да истата биде презадолжена уште кога е основана, уште повеќе и без приходи во годината кога и е доделен кредитот!?
-Даден кредит којшто неможе да се наплати од фирмата поради тоа што нема ни од што. Очигледно, Џамбазов бил свесен дека земал туѓи пари за да не ги врати, што значи тој ја дели одговорноста и со оние во „Еуростандард“ банка кои му го одобриле кредитот под ненаплатливи услови. Затоа, тој, како и останатите сопственици на 148 фирми од извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, ќе мора да сносат одговорност за нивното помагање и соучество во овој организиран криминал и висока корупција. Вакви и слични криминални стории за „Еуростандард“ банка има многу. Избрани фирми што земале кредити и не платиле ниту една рата со години, се вели понатаму во соопштението на оштетените шетедачи на „Еуростандард банка“.
Со цел да се слушне и другата страна, ММС го контактираше Игор Џамбазов, кој рече: „Кој и да сакаше да пука во мене, пукаше со ќорци“.
Потоа на својата Фејсбук страна даде објаснување, односно ги демантираше тврдењата на оштетените штедачи на „Еуростандард банка“.
-Ех, да се сите криминалци како мене, кај ќе ни беше крајот.Точно е дека Друштвото „Брачна игра“ на 31.07.2017 година, зема кредит од „Еуростандард банка“ во висина од 700.000 денари. Милионите, ама во евра, ги земаа некои други. Кредитот беше земен по најрегуларен пат, како и многу други фирми од областа на културата кои се обидуваа не само да преживеат, туку и да создадат некаква вредност на уметничкиот пазар, и беше наменет за два нови проекти во театарот. Не е точно дека „Брачна игра“ не вратила ниту денар. Досега се вратени 324.736 денари. Значи, скоро половина. Тоа го кажуваат и документите што ни ги испрати банката. Треба да се врати остатокот, плус каматите. Не е точно дека Друштвото „Брачна игра“ во време на земањето на кредитот немала приходи и пливала во долгови. Работевме и повеќе од солидно, фирмата имаше само еден долг кон една скопска фирма вклучена во еден од проектите, кој навистина не беше голем. Можеби колку една плата. Вториот долг е долгот кон банката, вели Игор и додава:
-Друштвото „Брачна игра“ не е во стечај, за што постои и документ од Централниот регистар. Само што не функционира од веќе познатите причини, како и 90 проценти од фирмите. Кредитот беше враќан сè до крајот на 2019 година. Идејата ни беше да направиме нов проект, и во 2020 година од приходот, да си го вратиме долгот. Потоа дојде короната, и сè застана. Но никој, никогаш не помислил на можноста кредитот да не се врати. Еве, и сега чекаме на одговор од банката за начинот на враќање, бидејќи добивме опомена преку писмо, дека треба да си го подмириме долгот, што е нормално. Постојат две опции: Договор со банката за продолжување на плаќање на кредитот, или комплетна отплата преку некоја друга банка, за што постои законска можност. Се надевам дека ова набргу ќе се случи, и оваа тажна приказна ќе заврши, објаснува Игор.
Игор е подготвен да ги сноси сите правни последици, бидејќи, како што вели, моралните веќе ги сноси. Веќе немам што да кажам, адвокатката си ја брка работата, а јас пишувам книга и немам време за тоа, додаде тој.