Претседателот Стево Пендаровски после состанокот на Советот за безбедност, денеска на прес-конференција истакна дека капацитетите на македонското здравство се оптоварени до максимум. Државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто не се случило, ниту пак ќе се случи од сега, истакна Пендаровски.
-Имунизацијата ќе започне од утре. Побарав надлежните да го организираат процесот на вакцинирање во најдобар ред, и таа обемна операција да продолжи до целосна имунизација на населението. Прекини во тој процес не смее да има. Тоа не го барам само јас, го пренесувам чувството на мнозинтвото граѓани од она штто го направивме до сега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд во соседна Србија тоа најдобро го илустрираат. Такви слики не смее да се повторат. Благодарност до Србија се разбира, но тоа беше срам за државата наша, рече Пендаровски.
Тој исто така упати и личен апел до приватните здравствени установи:
– Приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профитот, за да ги направат нивните услуги подостапни за инфицираните со Ковид и ако има потреба да го упатат својот медицински персонал во јавните установи. Убеден сум дека во време на големи колективни страдања, не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење на дивиденди, истакна Пендаровски.
Претседателот рече дека за да нема сомнеж од имунизацијата, некој преку ред да биде вакциниран, лично тој, како и премиерот и министрите ќе се пријават на сајтот за вакцинација, како и сите граѓани и кога ќе дојде редот ќе се вацинираат.
Моника П.Насковска