Штипскиот градоначалник Сашо Николов ќе се вакцинира со вакцината која што ќе му биде понудена – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/21 1:47 PM

Штипскиот градоначалник Сашо Николов ќе се вакцинира со вакцината која што ќе му биде понудена

Штипскиот градоначалник д-р Сашо Николов ќе се вакцинира со вакцината која што во тој момент ќе му биде понудена.

„Апсолутно ќе се вакцинирам. Нема да бирам, ќе се вакцинирам со таа вакцина која што ќе ми биде понудена, зошто секоја вакцина дава одреден степен на спречување на нова зараза,“изјави Николов.

Она што е битно да го знаеме на вакцините,  додава Николов,  е тоа дека сите вакцини 100% ја спречуваат смртността од Ковид 19 а за тоа всушност и се бориме.

„ Ние не зборуваме дека од сезонски грип и по вакцинирањето нема да се разболиме, битно е да нема компликации“, додаде Николов.

Во врска со состојбата со короновирусот во Штип, тој вели дека може да се каже дека е стабилна и под контрола, но сепак бројките се големи.

„ За прв пат по еден месец имаме бројка како вчерашната, 17 позитивни, 36 оздравени. Капацитетите во болницата  се веќе полни. Деновиве за болните е отворено и кардиолошкото одделение во Клиничката болница, кое што ќе се користи до отварањето на Модуларната болница, коешто според најавите треба да се случи до крајот на неделава. Тука ќе има кревети за 47 пациенти,“додава Николов.

Николов посочи дека се стабилизираат и состојбите во образованието, каде што имаше заболени воспитувачи и наставници, во градинките и училиштата.

„Како излегуваат од изолација, тие продолжуваат со наставата и за среќа ниту едно од децата од групите и одделенијата на наставниците позитивни на Ковид 19 не е заразено со короновирусот,“информираше градоначалникот.

Николов уште еднаш упати апел, да се почитуваат мерките, да сфатиме дека тоа е ситуацијата која што ја живееме и ќе ја живееме барем додека не заврши вакцинирањето.

Според информациите од Штипските клиничка болница, слободни болнички кревети за болните од Ковид 19 нема. Хоспитализирани се 67 лица од кои 47 се на кислородна поддршка, но состојбите постојано се менуваат. Во текот на вчерашниот ден починато е едно лице на 73-годишна возраст, од село Дедино.

В.Кр