Измените во Законот за попис ќе бидат готови и предложени на денешната седница на Влада, најави Маричиќ – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/21 12:29 PM

Измените во Законот за попис ќе бидат готови и предложени на денешната седница на Влада, најави Маричиќ

Измените во Законот за попис се мали и  за нив не треба премногу време. Тие се подготвуваат во моментот и ќе ги предложам за разгледување и усвојување на денешната седница на Влада, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање за измените на Законот за попис.

Зарди итноста, Маричиќ најави дека ќе предложи Владата да го усвои и испрати во Собранието со европско знаменце и скратена постапка, како што беше и примарно предложен, со што не очекува можност за блокади.

„Таа измена се сведува на две прашања – датумот на пописот и рокот за попишување на дијаспората. Датумот на пописот е во една одредба и наместо од 1 до 21 април ќе го ставиме од 5 до 30 септември и делот дека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува од 1 март, кога почна до 30 септември, кога треба да заврши теренскиот дел на пописот“, рече Маричиќ.

Маричиќ веќе ги разговарал измените со директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика и нагласи дека очекува тој брзо да биде усвоен, со огледа дека не станува збор за суштински измени.

– Очекувам, доколку Владата ги усвои на денешната седница, веднаш да ги испратиме во Собранието. Доколку претседателот на Собранието и координаторите направат добар план, сосема е изводливо во наредните денови, односно утре, овој Закон да биде усвоен, изјави Маричиќ.

 

МИА