Стави појас за твоја безбедност – Нова кампања на РСБСП во која се вклучени многу јавни личности – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/21 10:11 AM

Стави појас за твоја безбедност – Нова кампања на РСБСП во која се вклучени многу јавни личности

„СТАВИ ПОЈАС!” – е пораката која деновиве ја испраќаат до граѓаните голем број на  новинари, водители, спортисти, артисти и други јавни личности во новата кампања на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата и на Министерството за внатрешни работи.

„Живееме брз живот, брзаме да стигнеме на работа, но многу е важно,  во целата трка кога ќе седнете зад воланот или воопшто кога ќе седнете во автомобил,  да се сетите на вашата одговорност, да помислите на вашата  безбедност и да ставите појас. Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате. Секојдневно сме сведоци на голем број сообраќајни незгоди и се почесто доаѓаме до заклучок дека е речиси невозможно да помине едно деноноќие или еден викенд  а да не се  случи тешка сообраќајна незгода со повредени или загинати лица“, соопштија од Републичкиот совет.

Лани 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди,  а околу 5500 биле повредени.

Кампањата е поддржана од голем број на јавни личности и истата е многу актуелна на социјалните медиуми и буди интерес кај широката јавност.  Новинaри, спортисти, водители, артисти  и останати јавни личности… сите во еден глас праќаат порака  „СТАВИ ПОЈАС! “.

„ Јас од 18 години возам и секогаш користам појас“, „Гушни ги децата дома, но врзете ги со појас во автомобил“, „ Стави појас и не глуми фраер!“, „Стави појас!- Не вреди ризикот!“ „Стави појас! – Ниеден изговор не е оправдување!“ „ Вози со стил и стави појас!“, „ Секој живот е важен – Стави појас!“-  вака гласат дел од пораките што ги пренесоа познатите личности кои со задоволство прифатија да бидат дел од кампања „СТАВИ ПОЈАС!“

Поддржувачите на кампањата истовремено прашуваат: „ А ти, ставаш ли појас? Кој е твојот придонес за  подигање на свеста за поголема употреба на  појасите?“.

извор: РСБСП