МНР упати протестна нота кон Бугарија поради видеото на европратеникот Ангел Џамбаски – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/21 8:51 PM

МНР упати протестна нота кон Бугарија поради видеото на европратеникот Ангел Џамбаски

Денес Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Бугарија до Министерството за надворешни работи на Бугарија, упати протестна нота во врска со видеото на пратеникот во Европскиот парламент од Република Бугарија и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-Бугарско Национално Движење, Ангел Џамбаски. Истовремено, од МНР велат дека сите институции во Европската унија ќе бидат соодветно известени.

-Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени, стои во соопштението на МНР.

Џамбаски на својот „Фејсбук“ профил објави видео во кое упатува остри закани кон Македонија, велејќи дека крајот на оваа земја ќе биде брз и ужасен.