Република Северна Македонија успешно се справува со пандемијата во делот на образованието и ќе спречи генерациска катастрофа, благодарение на фокусот кој беше и се уште е ставен на забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Не дозволивме образованието да има застој. Правото на образование е овозможено на сите, преку хибриден модел на едукација кој понуди во училиштата, зависно од ситуацијата на локално ниво, да се примени настава со физичко присуство или, пак, онлајн или друга форма на настава на далечина.
Ова го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусијата на министерскиот состанок на високо ниво организиран од УНЕСКО, во рамките на Глобалната коалиција за образование.
Царовска, како што соопшти денеска Министерството за образование и наука, посочи дека во онлајн настава се вклучени 91 отсто од вкупниот број на ученици.
-Успеавме во онлајн настава да вклучиме над 91 отсто од вкупниот број на ученици. Помогнавме на околу 32.000 деца кои потекнуваат од 18.000 семејства во социјален ризик, да бидат дел од таа онлајн настава, преку доделување на ваучери за бесплатен интернет, а најголемиот дел од нив добија и ИТ уреди со поддршка на локалните самоуправи и бизнис заедницата. Наставата, пак, која се одвива во училиштата за учениците за кои имаме согласност од родителите и старателите дека сакаат да посетуваат настава со физичко присуство, се покажа како безбедна и училиштата не се трансмитери на заразата. Тоа го потврдува фактот дека и на крајот од првото полугодие и сега во моментов помалку од 1 отсто од наставниците и учениците во училиштата се заразени со вирусот. Ова значи дека планот и протоколите за организирање на наставата се добро обсмислени и најважно е што се почитуваат од сите засегнати страни, рече министерката Царовска во онлајн обраќањето.
Таа нагласи дека учебниците делумно се дигитализирани бидејќи актуелниот закон е таков што го ограничува целосното дигитализирање, но тоа, со новата регулатива, наскоро ќе се смени. Со новиот закон, за кој во тек е јавна расправа, се предвидува сите учебници и наставни и дидактички материјали од кои децата ќе учат, да бидат достапни преку посебна и единствена електронска платформа.
-Пандемијата дури и нé мотивираше да се забрзаат одредени процеси, на кои во минатото им требаше повеќе внимание од страна на институциите на системот. Меѓу нив се и обуките на наставниците за онлајн настава и воопшто за работа во вакви услови со ученици, но и јакнењето на стручните психолошко – педагошки служби во секое училиште, за да се заштити менталното здравје на младите и од сето ова да излезат посилни и поподготвени за предизвиците кои ги носи подоцнежниот период од животот, укажа Царовска.
Министерката Царовска потврди дека дигитализацијата на образованието е еден од врвните приоритети и на Владата и нагласи дека тој процес постојано се надградува поради креирањето и појавата на иновациите.
-Свесни сме дека отсуството на инвестиции во овој процес, значи ризик да се заостане во развојот на човечкиот потенцијал и затоа целта ни е да изградиме образование кое ќе биде флексибилно и лесно прилагодливо на секоја идна состојба која се појавила, а не сме можеле да ја предвидиме. Во оваа насока е и неодамна усвоената Концепција за основно образование, со која првпат се воспоставуваат национални стандарди за компетенциите што треба да ги стекнат учениците за време на основното образование, меѓу кои се и компетенциите за дигитална писменост. Тоа се едни од клучните компетенции за доживотно учење опфатени во препораките на Советот на ЕУ и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки, рече министерката.
Според неа, предизвик останува опремувањето на училиштата, но и континуирано следење на глобалните стандарди во сферата на ИТ технологијата. Министерката Царовска рече дека ги дигитализираме и услугите во образованието, за брзо и едноставно остварување на правата на граѓаните, но и за поедноставна распределба на буџетски средства кон училиштата за реализација на капитални инвестиции.
Извор:
mia.mk