Национална конференција за клима: Едукација на децата, зајакнети капацитети на институциите и поголема свест на граѓаните за справување со климатските промени – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/21 2:57 PM

Национална конференција за клима: Едукација на децата, зајакнети капацитети на институциите и поголема свест на граѓаните за справување со климатските промени

Да се зајакне едукацијата на децата за заштитата на животната средина, почесто да се набљудува воздухот и да се зголеми бројот на метереолошки станици, а локалните власти, освен националната, да вложат во иновативни еко проекти. Ова се клучните препораки на учесниците на првиот ден од одржувањето на Националната конференција за клима, која почна денеска. Конференцијата е дел до тригодишниот проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на екологистите на Македонија.

„Зелената транзиција и климатската акција бараат интерсекторски ангажман и посветеност, високо ниво на соработка и креирање на синергии во процесите од сите чинители во општеството. Ние како Министерство сме отворени и секогаш ги поддржуваме активностите на граѓанскиот сектор. Преку него ги слушаме барањата и очекувањата на граѓаните и ги вклучуваме во процесите на донесување на одлуки, а од друга страна, како Министерство ги споделуваме нашите податоци, знаење и експертиза при спроведувањето на нивните проекти“, порача министерот за животна средина Насер Нуредини.

Според Нехад Рамадани од CNVP во светот преовладува заеднички научен консензус, кој нагласува дека хуманите активности се главна причина за влошувањето на климата во светот.

„Овa покажува дека треба да се промени однесувањето на секој од нас, да се промениме како општество преку нашите активности, во корист на ублажување на заканите од климатски промени“, истакна Рамадани.

Лиле Симеоновска пак, како претставничка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го истакна како приоритет зајакнувањето на капацитетите со државно управување на шумските ресурси.

„Фактот дека имаме голем процент на деградирани шуми, неразвиената шумска инфраструктура, немањето систем за мониторинг на моменталната состојба на шумските ресурси на национално ниво влијае врз потенцијалот за развој на шумарството, истакна таа.  Шумите се најзначајниот понор што придонесувва за апсорпција на стакленичките гасови во нашата земја. Во таа насока, зајакнувањето на капацитетите со државно управување на шумските ресурси ќе биде прироритет на нашето Министерство – истакна Симоновска.

Еко активистите на денешниот настан се согласија дека сите треба да размислуваме глобално, а да дејствуваме локална зашто климата е обврска на човештвото.

Лилјана Јоноски од Североисточниот плански регион апелира дека граѓаните се тие кои треба да ги иницираат промените, поради што е неопходно да се работи на зголемување на свеста. Таа потсети дека пандемијата донесе нови предизвици, меѓу кои и поинакво одлагање на отпадот поради зачестената употреба на маски и ракавици. Токму поради тоа, таа и дел од останатите активисти поставиле корпи за одлагање на ваквиот отпад пред повеќе маркети и институции.

Координаторката за Вардарскиот плански регион, Виолета Димовска ја потенцираше улогата на образовниот систем. Според неа, децата треба да бидат предупредени на опасностите од климатските промени, бидејќи од она што ќе го научат ќе зависи нивното однесување во иднина.

„Образовните институции имаат одговорност да изградат свест за климатските промени“, додаде таа.  Димовска нагласи дека невладиниот сектор изготвил и прирачник за постапување при неповолни климатски промени наменет токму за деца.

Силвана Манасиевска од  Балканската фондација за одржлив развој зборуваше за влијанието на климатските промени врз виното и виновата лоза.

„Виното е еден од најчесто извезуваниот продукт од нашата земја, па ние реализиравме проект во кој го актуелизиравме влијанието на глобалното затоплување врз промените вопочвата во одредени региони. Подготвен е и Прирачник за влијанието на климатските промени кај виновата лоза и виното со заклучоци и препораки за адаптација. Беа изготвени и прирачници со мислењата на експертите, со препораки за адаптација во следните 10 години. Треба да имаме редовни набљудувања на воздухот, да се зголеми бројот на метереолошки станици, да се прават обуки на земјоделците. Светското искуство е важно, но веќе треба да почнеме и со научни истражувања за да може на земјоделците да им се укажат проблемите кои се случуваат на нашето тло. Не само да зборуваме туку и да делуваме“, порача Манасиевска.

Климатските промени се поврзани и со производството на храна, што го потврдуваат од Слоу фуд Водно. Претседтавничката на оваа организација, Катерина Јорданвска посочи дека земјделството значително треба да ги зголеми своите производни капацитети.Таа ја нагласи потребата од едукација за одговорната конзумација и поддршка на локалното производство. Од оваа невладина апелираат на поддршка на ресторани кои ќе продаваат храна подготовена со намирници од локални производители.

„Потрошувачот има голема улога во креирањето на политиката, бидејќи тој е активен агент во градењето на политиката, а не само консумирач на храна“, сметаат активистите.

Проектот „Да зборуваме за климатските промени“, во чии рамки се одржува конференцијата е финансиран од Европската Унија. Националната конференција за клима продолжува утре со презентација на интерактивна еко-мапа.

 

Вања Мицевска