Ангажманот на САД на Балканот е од клучно значење со цел да се обезбеди дека нема да има какви било назадувања во однос на напорите на Грција и на Република Македонија за нормализирање на односите кои ќе и го отворат патот за членство во НАТО, вели албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати.
– Сега кога двете земји ја поминуваат последната милја кон нормализација, фокусот на САД на ова прашање е од исклучително значење. Особено ако се има предвид дека постојат трети страни кои не го поддржуваат договорот помеѓу Атина и Скопје, рече Бушати во разговор со извршниот потпретседател на Атлантскиот совет Дејмон Нилсон.
Според него, потребно е да се обезбеди американски ангажман во регионот, бидејќи САД се клучни за безбедноста во ЈИЕ, како и поделба на работите меѓу Соединетите држави и ЕУ кога станува збор за трансформацијата на регионот.
– Тоа е многу важно поради географската положба на ЈИЕ помеѓу Блискиот исток и ЕУ. САД се покажаа успешни во однос на запирањето на крвопролевањата и војните во Југославија и во спроведувањето на некои од најважните проекти за безбедноста во нашиот регион, вклучувајќи го проширувањето на НАТО со Хрватска, Албанија и на Црна Гора, а се надевам во скоро време и со Скопје. Тие го охрабрија и дијалогот помеѓу Косово и Србија. Знаеме дека иако овој процес е воден од ЕУ, без поддршката од САД очекуваните резултати нема да бидат постигнати. Видовме дека улогата на САД во случајот со Скопје беше традиционално позитивна…., нагласува Бушати.
Тој укажува на позитивниот развој на настаните во изминатите неколку месеци како што се Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, Договорот за името помеѓу Скопје и Атина, како и значјани чекори што Албанија ги презеде заедно со Грција.
Во однос на напредување на Македонија кон НАТО како негова 30-та членка Бушати посочува дека на овој пат постојат некои политички пречки кои мора да бидат адресирани.
– Прво тоа е прашањето на референдумот. Се надеваме дека граѓаните ќе гласаат во полза на мировниот процес кој штотуку започна, што ќе им овозможи на членовите на Парламентот да ги направат неопходните уставни измени. Исто така, Грција мора да го помине договорот во нејзиниот Парламент. Се надеваме дека процесот на ратификација брзо ќе заврши бидејќи тоа може да го трансформира Западен Блајан на позитивен начин. Мора да почнеме да го трансформираме новиот безбедносен простор во регионот во простор на развој. Токму затоа потребна ни е ЕУ со повеќе проекти за поврзување во регионот и меѓу регионот и Унијата. Потребна ни е имплементација на нови проекти од стратешко значење како Трансатлантскиот гасовод и други гасоводни траси за што ни е потребно присуството на САД, нагласува шефот на албанската дипломатија Бушати.
Извор:МИА