Болки во раката, но и во целото тело, оток, малаксаност и покачена телесна температура. Ова се несаканите ефекти кои може да ги предизвикаат вакцините против коронавирусот, објасни денеска д-р Дејан Докиќ. Според него, ваквите нус-ефекти проаѓаат уште истиот ден кога е извршена вакцинацијата, а и не се јавуваат кај сите пациенти.
„Секоја вакцина има несакани ефекти, но пред да се регистрира од страна на ЕМА или регулаторните тела во САД, вие мра да дадете сериозни докази дека вакцината делува и дека е безбедна. Дури и извршената ревизија потврди дека вакцините се безбедни“, истакна Докиќ денеска во изјава за медиумите.
Одговарајќи на новинарско прашање какви маски сега е најдобро да се носат поради побрзото ширење на британскиот сој, тој посочи дека најдобро е евентуално носење на две хируршки маски или пак една Н95 маска.
„Овој сој се шири полесно бидејќи има мутација на спајк протеинот, со кој вирусот навлегува во клетката домаќин. Ова настанува кај неколку соеви, меѓутоа пациентите поради таа мутација може полесно да заболат од овој вирус, па заштита можеби треба да се зголеми за еден чекор повеќе. Секако тука се средствата за дезинфекција, дистанцата и евентуално носење две хируршки маски или една Н95. Подобро е да бидете посериозни во претпазливоста, а не да ги занемарувате мерките за заштита“, додаде пулмологот.
Тој сепак вели дека нема потврда за потешко развивање клиничка слика од страна на пациентите кои го имаат британскиот сој на вирусот.
„Кај нас доаѓаат пациенти кои доцна се јавуваат во болница, па дали таа тешка клиничка слика е поради сојот или поради доцното јавување, не знаеме. Важно е дека сите вакцини создаваат антитела против мутираните соеви, овие соеви може да се спречат доколку пациентите се вакцинираат со постоечките регистрирани вакцини“, истакна Докиќ. Зборувајќи за состојбата на интерните клиники, тој изјави дека 80 проценти од пациентите кои се јавуваат за преглед се со лесна клиничка слика, а преостанатите 20 имаат потреба од хоспитализација и од кислородна поддршка. Според него, лекувањето во македонските болнички каапцитети не е хаотично, туку како што вели, се следат европските теркови.
Тој се осврна и на денешната објава која осамна на неговиот фејсбук-профил, која се однесува на препораки за заштита од вирусот.
„Категорично ги демантирам наводите во тој текст и јас не сум го напишал, ниту стојам зад неговата содржина. Овој текст е направен за да се шири паника во јавноста преку злоупотреба на моето име. Има доволно сместувачки капацитети за сите на кои им е потребна хоспитализација, ние ги лечиме граѓаите според протоколи, Министерството за здравство направи напор да се набави опрема, концентратори, нема легло за кое нема доволно довод на кислород. Имаме се’ што е потребно за да ги лечиме луѓето, голем број пациенти се излечени во ковид центарот на интерните клиники. Ова дело го пријавив во полиција и институциите треба да ги објават оние што го направиле ова дело за да не се создава погрешна перцепција кај народот во смисла на недоверба кон јавнто здравство“, потенцира докторот.
Тој информира дека во ковид центарот на интерните клиники има 15 слободни кревети, а во текот на денот се очекува зголемување на овој број, бидејќи како што најави, дел од пациентите ќе се испишат во текот на денот.
В.М.