ММС, 01.08.2018
Дане Трајков, сточар од плачковичкото село Шипковица, пожртвуван и посветен борец за ослободителното дело, кој бил и организатор и чувар на партизанската болница на Плачковица, е стрелан на 7 јули 1944 година, па за малку не ја дочека долгоочекуватата слобода на својата татковина, слобода за која мечтаел уште пред Илинден 1903
Пишува: Љупчо Шатевски
„По повод 40-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, Собранието на Социјалистичка Република Македонија му доделува Спомен-плакета на Дане Трајков, народен претставник на Првото заседание на АСНОМ што се одржа на 2 Август 1944 година во манастирот Прохор Пчински“. Спомен-плакетата од Собранието со оваа содржина Дане Трајков, херојот на Плачковица и чуварот на партизанската болница во пазувите на таа планина, ја доби на Илинден 1984 година, но постхумно зашто Трајков загина 25 дена пред одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и пет месеци пред ослободувањето на Македонија, слобода за која сонувал уште пред Илинден 1903. Бил стрелан на на 7 јули 1944.
Криел илегалци, разнесувал оружје, им бил логистика на партизаните
Дедо Дане (1876-1944), како што го викале, бидејќи битката за слобода ја водел во поодминати години (загинал на 68), е исклучителен пример како може полуписмен, но мудар човек, а и исклучително вреден сточар и земјоделец, на некој начин да стане легенда со својата пожртвуваност и посветеност на ослободителното дело. Роден е и животот го поминал во селото Шипковица во радовишкот дел на Плачковица, кое тогаш имало повеќе од 200, а сега е без постојан жител. Трудољубивото семејство обезбедувало пристојна егзистенција за тоа време, па еден од помладите негови браќа, Стоимен, уште во турско завршил средно образование во Солун, каде што влегува во револуционерното движење за слободна Македонија. Кога се вратил, неговите искуства му биле добредојдени на постариот брат Дане.
По фашистичката окупација во 1941 година, Дане веднаш почнал да соработува со ослободителното движење. Во планината криел илегалци и партизани, разнесувал оружје и материјали, помагал при исфрлањето на првите плачковички одреди во штипскиот и во виничкиот дел на Плачковица, при партизанскиот напад на селото Раклиш во 1942 и потоа при омасовувањето на народноослободителното и антифашистичко движење со Февруарскиот поход, Пролетната офанзива од 1944… Останало и сеќавањето кога во Шипковица во 1944 година организирал пречек за партизанските одреди што се повлекле од егејска Македонија, кога за борците, освен престој и храна, била организирана и општонародна веселба.
Во импровизирани услови, во болницата биле излекувани 12 тешко ранети партизани
Сепак, Дане Трајков најзапаметен ќе остане по организацијата на партизанската болница на Плачковица за време на Пролетната офанзива од 1944, формирана по наредба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Најголема заслуга за нејзиното функционирање, освен двајцата лекари – Ѓорѓи Камчев и Страхил Панов, има Дане Трајков. Тој се грижел за условите и безбедноста на болницата, со соработниците обезбедувал храна, тајно донесувал лекови, медицински материјал…
– Иако во планината условите биле многу тешки, во болницата биле излекувани 12 тешко ранети партизани. Дедо Дане вешто се снаоѓал. За да им биде потопло на ранетите и болните во студените планински ноќи, биле направени еден вид земјанки, делумно вкопани во земја и покриени со букови лисја за да не се забележуваат. Тој бил постојано активен во ослободителното движење, се’ до стрелањето – велат во радовишката боречка организација.
Трајков бил фатен и уапсен од фашистите кон крајот на јуни 1944 година, заедно со својот син Јордан, и еден негов соселанец. Другите двајца, денес покојни, успеале да се спасат, а Дане бил стрелан во месноста Еренџе на Плачковица.
– Не’ фатија тројцата. Прво не’ затворија во радовишкиот, па на недела-две не’ префрлија во штипскиот затвор, за пак да не вратат во радовишкиот. Секаде не’ сослушуваа и мачеа. Ништо не кажавме. На последното сослушување татко ми им рече: „Не се чепкајте со партизаните, тие се сојузници на Црвената армија и на светското антифашистичко движење кое само што не победило“. Почнаа да го тепаат. Утредента го стрелале. Нас не’ држеа уште една недела, кога последен пат не’ сослушаа. Повозрасниот соселанец потоа го пуштија. Ја поминав полошо. Ме претепаа, а офицерот на војниците им нареди поцврсто да ме врзат за да не избегам. Имав среќа. Ми пријде еден војник, Глигор, наш човек од малешевското село Чифлик, но мобилизиран во бугарската војска, и наместо да ме врзе поцврсто, јажето го олабави и ми рече: „Утре во 11 ќе те стрелаат, бегај вечер“. Ноќта околу 2 часот го одврзав олабавеното јаже, на стражарот му го украдов оружјето и избегав – своевремено го раскажа случајот синот на Дане, Јордан Трајков.
Десетина дена подоцна, според сеќавањето на Јордан Трајков, во Шипковица пристигнала партизанска патрола, која носела покана Дане Трајков да замине на Првото заседание на АСНОМ. Ѝ било кажано дека, за жал, дедо Дане неодамна бил стрелан и оти нема да го дочека ни АСНОМ ни долгоочекуваната слобода.
СПОМЕН-ПАРК ВО ЧЕСТ НА ДЕДО ДАНЕ
„На 7 јули 1944 година во близина на ова место на ѕверски начин е убиен дедо Дане Трајков, член на АСНОМ и херој на Плачковица, кој загина за да ја спаси партизанската болница“. Овој текст стои на спомен-обележјата на Дане Трајков, од кое првото било подигнато по Втората светска војна. Во ноември 2014 година, на седумдесетгодишнината од ослободувањето на Радовиш, радовишката локална самоуправа и боречката организација спомен-обележјето на Плачковица го возобновија и проширија во убаво уреден спомен-парк, каде што секој 7 јули се собираат стотици борци и граѓани да му оддадат почит на чуварот на Плачковица.
Освен Спомен-плакетата од македонското Собрание, Дане Трајков постхумно има споменица и од СФРЈ, потоа Шестоноемвриска плакета на Радовиш, а и една радовишка улица го носи името на чуварот на партизанската болница на Плачковица.