Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, упати телеграма со сочувство за смртта на музичарот Оливер Драгојевиќ до градоначалникот на збратимената Општина Сплит во Република Хрватска, Андро Крстуловиќ Опара. Во телеграмата стои:
„Со големо жалење ја примивме веста за смртта на еден од најобожаваните и омилените пејачи во нашата заедничка поранешна република.
Срцата на обожавателите ги освои со неговите безвременски нумери, кои ќе останат значајна културолошка оставштина за генерациите што доаѓаат. Загубата е голема не само за нашиот братски Сплит и за пријателска Хрватска, туку и за целиот регион и светот.
Оливер Драгојевиќ остави зад себе богата ризница музички нумери кои сплотуваат и обединуваат. Спомените за Оливер Драгојевиќ нема да избледат, затоа што тој како човек и како музичар остави големи траги кои нема да се заборават. Во моментите на болка, утеха нека биде неговото творештво коешто останува вечен спомен.“