(ФОТО) Фудбалерите тренираа во Скопје пред дуелот со стариот познаник, Лихтенштајн прилика за залечување на раните од Романија – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/21 1:25 PM

(ФОТО) Фудбалерите тренираа во Скопје пред дуелот со стариот познаник, Лихтенштајн прилика за залечување на раните од Романија

Македонија играше и создаваше шанси, Романија истите ги конвертираше во голови. Впечатокот е единствен дека репрезентацијата на Македонија на „Националната Арена“ во Букурешт беше и повеќе од рамноправен противник против подмладената и амбициозна селекција на Романија. Избраниците на Ангеловски покажаа дека неслучајно во јуни ќе заиграат помеѓу елитата на Европското првенство 2020.

Шанса за „лекување на раните“ утре од 20:45 на „Градски“ во Скопје, македонската селекција ќе добие против стариот добар познаник, кој асоцира само на убави фудбалски времиња и достигнувања, Лихтенштајн.

Ако некоја репрезентација ни лежи повеќе од останатите, тогаш дефинитивно тоа е репрезентацијата на Лихтенштајн. Во девет претходни соочувања, во различни квалификациони циклуси, Македонија има скор од осум победи и еден нерешен резултат, со вкупна гол разлика од 33:5. Највисоката победа на македонската репрезентација во историјата е токму против утрешниот опонент на гостински терен, 1:11 во 1996 година.

Пандев, Елмас, Алиоски и останатите „европејци“, денес одржаа тренинг на домашно тло пред судирот со аутсајдерот, а од фотографиите можеме да забележиме дека несреќниот пораз од Романија не влијаел претерано врз расположението и атмосферата во таборот на „црвените“.
Во составот на Ангеловски за утрешниот дуел нема прашалници, откако Аријан Адеми се врати на теренот против Романија и постигна одличен погодок. Од останатите дуели од групата Ј во квалификциите за Мундијалот во Катар следната година, Романија овојпат во Букурешт ќе се сретне со убедливиот фаворит за првата позиција, Германија, додека пак Ерменија на домашен терен ќе го угости Исланд.
Единствено првопласираните од секоја група ќе се пласираат директно на Светско, а второпласираните ќе мораат преку баражот да резервираат билет за Катар.
Фото:
Тwitter / @MacedonianFoot
д.ј