Почнуваат петдневните „Владимирски илинденски средби“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/31/18 7:47 AM

Почнуваат петдневните „Владимирски илинденски средби“

 

ММС, 31.07.2018

На манифестацијата што традиционално се одржува во познатото малешевско село ќе има настапи на културно-уметнички друштва, групи и познати пејачи, поетски читања, илинденскиот ручек е в четврток, в сабота се посетува Готен, каде што се водела една од најголемите битки пред Илинденското востание, а в недела ќе има игранка на отворено на плоштадот во Владимирово

Долгогодишната традиција на повеќе генерации жители на беровското село Владимирово, познато како едно од селата што дале најмногу учени луѓе во Македонија, па и во регионот, големиот македонски празник Илинден масовно да се прослвувува продолжува и годинава. Манифестацијата „Владимирски илинденски средби“ почнува утревечер, на 1 август, и ќе трае дури пет дена, до недела по полноќ. Се очекува да присуствуваат неколку илјади луѓе во селото кое некогаш имало 2.000 жители, а сега се околу 700, меѓу кои најмногу иселени владимирци, кои живеат во Скопје, Штип, Струмица, Радовиш, Кочани, како и во странство.
– Со генерации за владимирци важи девизата  „кај и да си за Илинден дома да си“. Од многу одамна пред црквата „Св. Илија“ се одржува општонароден собир со веселба и ручек за сите. Во последните години на празнувањето му даваме организиран карактер со организацијата на веќе традиционалните „Владимирски илинденски средби“. Целта е селото да заживее, да се продлабочат врските со тие што заминале од селото, за сите заедно да продонесеме за негова подобра иднина. Од пред две-три години во Владимирово отворивме и музеј, селото доби и своја химна – вели Кирил Фичорски, претседател на здружението Владимирски илинденски средби.

Од „Владимирските илинденски средби“ пред две години

Во текот на петдневната програма на годинашните „Владимирски илинденски средби“, ќе има повеќе настапи на културно-уметнички друштва и музички состави од Малешевијата и од другите делови на Македонија, ќе гостуваат пејачките Благица Калева, Јасмина Гуњова, Жаклина Узунова-Коловска, а ќе има и поетски читања. Традиционалниот заеднички илинденски ручек е в четврток, а в недела вечер ќе има и игранка на отворено на мегданот, забава како што некогаш се правела во селото. В сабота, пак, традиционално ќе се оди во месноста Готен на Малешевските Планини, каде што во април 1903 година се одвивала една од најголемите битки меѓу аскерот и комитските чети во пресрет на Илинденското востание.