Oд силниот поларен студ во Тексас бројот на починати се искачи на 111 – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/21 10:12 AM

Oд силниот поларен студ во Тексас бројот на починати се искачи на 111

Во американската сојузна држава Тексас, која е погодена од силен поларен бран, бројот на починати се искачи на 111 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Обилниот снег и мразот кој ги зафати внатрешните централни и јужни делови на САД, предизвикуваат животозагрозувачки ситуации, особено во државата Тексас.

„Асошиејтед прес“ (Associated Press) информира дека 111 лица починале како резултат на екстремен студ и несреќи поврзани со неповолното време.

Според информацијата, значителен дел од жртвите во Тексас биле предизвикани од хипотермија, а некои од нив биле предизвикани од сообраќајни несреќи предизвикани од мраз на патиштата и труење со јаглерод моноксид.

Се посочува дека околу 4 милиони домаќинства во државата не се обезбедени со електрична енергија и вода за пиење поради силното невреме. Исто така, постои загриженост дека бројот на жртвите е можно да се зголеми.

Неповолните временски услови од 11 февруари го запреа животот во внатрешните и јужните држави на САД. Силното невреме предизвика жртви и во државите Арканзас, Оклахома, Тенеси, Кентаки и Алабама.

Локалните извори во Тексас тврдат дека тешките зимски услови што ја погодија државата предизвикале штета од 45 до 50 милијарди долари.