Повеќе сонце, но психолошки потешкотии – Како влијае промената на сметање на времето врз луѓето – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/21 7:26 PM

Повеќе сонце, но психолошки потешкотии – Како влијае промената на сметање на времето врз луѓето

Утре почнува летното сметање на времето, откако стрелките на часовникот во 2 часот по полноќ ќе се поместат еден час напред. Со ова, денот ќе се зголеми и ќе се стемнува околу 18 часот. Летното сметање на времето секогаш почнува последниот викенд од март, а завршува последниот викенд од октомври. Како такво е воведено во 1916-та година, за денес да биде практика на седумдесетина држави ширум светот, меѓу кои и Македонија. Сепак, ваквото сметање на времето се наметна и како тема на дебата во круговите на Европската унија каде од 2018-та година се дискутира за укинување на оваа практика.  Во јавниот дискурс, се чини главниот збор го имаат економистите, но како да отсуствува мислењето на психолозите, иако некои истражувања покажале дека различното сметање на времето им создава нервоза на луѓето и води до лош сон.

Со ова се согласува и психлогот, Драгица Стаменковиќ која во изјава за Македонски медиа сервис истакнува дека при носењето одлука за ова прашање, треба да се земе предвид и ставот на психолозите.

„Се прават бројни истражувања за ефектот на промена на сметање на времето врз здравјето, економијата и сообраќајот. Одлуката не е едноставна затоа што во ЕУ постојат три временски зони и доколку се прифати летно сметање на времето на запад и северозапад во зимски период ќе се разденува претпладне. Ако се прифати зимско сметање на времето ситуацијата ќе биде обратна, на исток сонцето ќе изгрева многу рано. Психолошкиот ефект од промена во сметање на времето најчесто се одразува врз спиењето, често будење и пад на енергија, но како што реков истите потешкотии брзо се надминуваат“, вели Стаменковиќ.

Според неа, негативните ефекти од овој начин на сметање на времето кои се одразуваат врз екномијата, може лошо да се одразат и од психолошки аспект.

„Во решавање на ова прашање треба да бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и психолозите, како и стручните лица од областа на човечки ресурси кои ќе дадат одговори во однос на продуктивноста, трошоците, мотивацијата, степен на ангажираност, искористеност на ресурси и други значајни прашања поврзани со бизнисот и менталното здравје“, додава таа.

Нашата соговорничка го објаснува ваквото влијание низ призмата на промената во навиките за спиење.

-За да полесно се адаптираме на околината, сите ние имаме свој внатрешен биолошки часовник  врз основа на кој ги регулираме своите физиолошки функции како што се хранење, спиење, телесна темепература, метаболизам и хормонална секреција. Кога тој внатрешен часовник и надворешниот часовник диктиран од стилот на живеење не се во склад, се јавуваат разни потешкотии и се зголемува ризикот од болести. Викендов преминуваме од „нормално” кон „летно” сметање на времето и оваа промена најмногу ќе се одрази на скратување на времето за спиење, односно на времето предвидено за одмор – објаснува психологот.

– Истражувања во Канада спроведени пред неколку години покажуваат дека во првата недела по промена на сметање на времето се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а посебно во првиот понеделник по промената. Сепак, позитивно е што со летното сметање на време се добива плус еден саат од дневна светлина, што од друга страна позитивно влијае на расположението – потенцира Стаменковиќ во изјава за ММС.

Таа направи паралела меѓу оваа промена во секојдневието со актуелната пандемија која донесе „ново нормално“ во нашите животи.

-Пандемијата не’ направи почувствителни на промени, нашата вулнерабилност се зголеми, но се зголеми и свесноста, присутноста, се преиспитаа многу вредности, човечноста и хуманизмот во многу ситуации беа посилни и од самата пандемија. Најголема промена што ќе ја почувствуваме е скратување на сонот, зголемен умор, намалена енергија и зголемена вознемиреност во првите неколку дена по преминот кон летно сметање на време. Набргу организмот ќе се врати во нормала, а позитивно влијание ќе има чувството дека денот е подолг, дека имаме повеќе време за активности и зголемена изложеност на дневна светлина – заклучува Стаменковиќ.

 

Фото: илустрација / freepik

Вања Мицевска