Трите квалификациски победи на македонската женска ракометна репрезентација и влегувањето во баражот за Светското првенство во Шпанија, ја натераа Ракометната федерација на Македонија да го „одврзе ќесето“ и заслужено да наградува.
Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија денес донесе одлука за премии за женските и машите сениори. Победите во Скопје над Литванија, Грција и Исланд на избраничките на Симевски им донесоа 10.000 евра, а доколку репрезентативките успеат да се пласираат на Светското првенство ќе заработат дополнителни 40.000 евра.
Машката ракометна репрезентација која веќе се пласираше на Европското првенство, во зависност од освоеното место во групата ќе добие парични награди. За освоено прво место во групата во рамките на квалификациониот циклус за пласман на ЕП 2022, наградата ќе биде во висина од 40.000 евра, додека пак за освоено второ место во групата со 10 бодови, наградата ќе изнесува 30.000 евра.
Наградата за ракометарите предводени од Кире Лазаров ќе има и доколку се освои второто место во групата со помалку од 10 поени, во износ од 20.000 евра.