Мората проговори за менталнoто здравје: Не може да се исчисти умот како што може да се исчистат забите – ММС
ММС

Објавено на: 03/24/21 7:06 PM

Мората проговори за менталнoто здравје: Не може да се исчисти умот како што може да се исчистат забите

Модерните гладијатори, како што понекогаш сакаат да ги наречат фудбалерите, постојано се наоѓаат во центарот на вниманието на јавноста, соочувајќи се со низа критики и забелешки кои знаат од седмица во седмица да ги надминат границите на коректноста и фер-плејот.

Кога играш добро, тогаш сите те сакаат, кога играш лошо – е тогаш, проблем. Дотолку повеќе, влијанието и присуството на социјалните мрежи го засилува притисокот врз атлетите и бајката именувана како „спорт“, станува непријатна и кошмарна.

Шпанскиот фудбалер во редовите на Јувентус, Алваро Мората, во интервју за „Еl Mundo“ ја отвори душата и проговори за проблемот со менталното здравје како таков, споделувајќи го и своето лично искуство со она кое е недофатливо за окото на обичниот гледач.

-Менталното здравје не го добива потребното внимание во јавноста. Кога главата не ви функционира, тогаш самите на себеси сте голем непријател. Во тие моменти не е важно што правиш, туку само се бориш против твојата личност. Дури и за мојата генерација не е нормално да посетуваш психолог. Тоа мора да биде нешто нормално. Постојат луѓе кои поминуваат низ многу тешки периоди. Доколку имав стручна помош во првата сезона во Челзи, работите можеби ќе беа поинакви. Како што тренираме во теретана или на теренот за да ги унапредиме техниката и фудбалските квалитети, верувам дека и умот е нешто кое треба да се тренира. Не може човек да го исчисти умот како што може да се исчистат заби. Мораш некако да ги извадиш тие работи од глава. Круцијално е да зборуваш со некој што ќе те слушне и разбере, изјави Алваро Мората.

По враќањето во Сериа А, некогашниот шпиц на Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Челзи, на свое конто има додадено 16 погодоци и дури 11 успешни додавања.

 

 

Фото:

gettyimages.com

 

 

д.ј