(ВИДЕО) Сепак, тој е само човек: Ибра се врати во Шведска и се расплака на прес-конференција – ММС
ММС

Објавено на: 03/23/21 2:13 PM

(ВИДЕО) Сепак, тој е само човек: Ибра се врати во Шведска и се расплака на прес-конференција

Ибра во кунг-фу манир ги задева своите соиграчи, а во некое блиско минато во помалку пријателско расположение и противничките играчи. Ибра е недопирлив, Ибра се појавува на „Санремо“ со песна од Нада Топчагиќ, Ибра е главниот играч на кандидадот за Скудето во Сериа А. Со еден збор, Ибра е своевиден Супермен.

И тој Ибра по приближно пет години ќе го облече дресот на шведската репрезентација и тој Ибра, на сеопшто изненадување и за првпат досега покажа невидена емоција.

Златан Ибрахимовиќ по неуспехот на Шведска на Европското првенство во 2016 година реши да се пензионира од репрезентативниот фудбал, но во пресрет на квалификациите за Светското првенство во Катар, триесет и девегодишниот напаѓач реши уште еднаш да му помогне на својата селекција и да заигра за „жолтите“.

На прес-конференцијата пред самиот старт на борбата за Катар, во која Шведска ќе ги вкрсти копјата со Грузија, Косово и Естонија, по прашањето во врска со неговото семејство фудбалерот на Милан се расплака. Да, Златан Ибрахимовиќ пушти солза пред очите на јавноста.

Релацијата Италија-Шведска, тешката карантинска реалност, а со самото тоа и неможноста за посета на синовите и сопругата кои не живеат со него, накратко ја расипаа репутацијата на „лошо момче“ кoja Ибрахимовиќ ја градеше низ годините.

-Играњето за националниот тим претставува најголемото нешто што можеш да го направиш како фудбалер. Следејќи ја репрезентацијата на Шведска, помислив дека можам да помогнам, да направам нешто. Но секако, тоа не зависеше од мене. Сега селекторот ме повика и добив шанса да играм за мојата земја и се чувствувам гордо во врска со тоа, изјави Ибрахимовиќ.

Некогашниот шпиц на Ајакс, Интер и Јувентус, сезонава во Милан ја доживува својата втора младост. На 23 натпревари има постигнато 17 погодоци и две успешни асистенции.

 

 

 

 

Фото:

аcmilaninfo.com