Се надевам дека после 20 години без попис во државата ќе има доволно разум, вели Симовски – ММС
ММС

Објавено на: 03/23/21 1:03 PM

Се надевам дека после 20 години без попис во државата ќе има доволно разум, вели Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски се надева дека после 20 години без попис во државата ќе има доволно разум кај нашите граѓани, да сфатат дека ни е неопходна оваа акција и дека немањето пописни податоци од 2011 година нѐ чини страшно многу и како држава и како граѓани.

За негативната кампања за пописот на социјалните мрежи, Симовски во интервју за „360 степени”, вели дека тоа е нешто што навистина не може да го разбере и дека тоа се луѓе кои очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани.

Пописот е статистичка операција во интерес на сите граѓани и не се прави ниту за Владата, ниту за некоја политичка партија, вели Симовски, нагласувајќи дека ќе ги направат сите напори да го завршат пописот.

– Не е проблемот дали некој ќе биде казнет или не, многу е лесно да казните поединец, ако не сака да даде податоци, и тоа ќе го направиме, да се разбереме, нема да простиме. Меѓутоа, целта не е да собереме казни туку да собереме податоци. Ние влегуваме во оваа операција којашто се подготвува поприлично долго време, којашто чини страшно многу пари, којашто ангажира страшно многу луѓе, и да биде залудна, навистина ќе биде страшно, вели.

Прашан зошто нема поагресивна кампања, повидлива, за граѓаните да учествуваат во пописот, Симовски рече дека кампањата е тргната и дека во овој момент е повеќе насочена кон нашите граѓани што се во странство, бидејќи таму тече овој процес на самопопишување.

-Разликата којашто ја имаме до пред недела дена и во овој период укажува на тоа дека оваа кампања вродува со плод. Само во текот на вчерашниот ден се самопопишани повеќе од 20 илјади лица, што многу веројатно е и резултат на кампањата што интензивно се спроведува, особено на социјалните мрежи, изјави директорот на ДЗС.

За тоа како ќе ги убедат граѓаните дека пописот е безбеден во период кога расте бројот на заразени, Симовски вели дека тие гарантираат за процесот на попишување и дека апсолутно ќе се почитуваат сите протоколи и нема да доведат никого во опасност, но дека не може да гарантираат за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот.

-Комисијата за заразни болести многу внимателно ги разгледала сите можни ситуации и донела навистина ригорозни препораки. Тие препораки се преточени во одлука на Владата и наша обврска е да ги почитуваме. Но, и граѓаните треба да ги почитуваат тие протоколи, бидејќи не вреди ништо ако попишувачот дојде маскиран целиот, не знам, со комбинезони на себе, со маска, ракавици, ако граѓанинот се шета без маска. Или, не можеме да гарантираме за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот ако отидат во кафеана и си седнат со друштво итн, изјави Симовски.

Попишувањето во дијаспората, според него живнува и досега се регистрирани 121 850 лица. Сепак, тој посочува дека податоците по земји се релативни и дека треба да се знае големината на дијаспората во тие земји, за да може да има согледување дали е тоа голем број попишани, дали е мал или е согласно динамиката задоволителен податок.