Сакаме да им влееме доверба на граѓаните, ние сме им сојузници во борбата за еднаквост: Со Игор Јадровски за функционирањето на новата Комисија за заштита од дискриминација – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/21 11:00 AM

Сакаме да им влееме доверба на граѓаните, ние сме им сојузници во борбата за еднаквост: Со Игор Јадровски за функционирањето на новата Комисија за заштита од дискриминација

Пред два месеца Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го доби својот нов состав. Собранието со 61 глас „за“ без против и воздржани ја усвои одлуката за избор на седумте членови, откако невладиниот сектор побара да се смени праксата за поставување партиски кадри во Комисијата. Нејзиниот нов состав за разлика од претходните работи според новиот Закон кој беше заглавен во собраниска процедура и конечно изгласан во октомври минатата година.

Како сега функционира ова тело кое треба да ги штити граѓаните од дискриминација, каква состојба затекнале новоизбраните членови и што предвидуваат законските измени се дел од прашањата на ММС  за кои одговор даде Игор Јадровски. Младиот правник години наназад делуваше на полето на антидискриминацијата преку разни активности на невладините организации, но борбата за поголеми права сега ја продолжува како дел од надлежната државна комисија.

Од каде идејата да се кандидирате за членство во оваа комисија, дали сметате дека на ваков начин подобро ќе делувате на полето на антидискриминацијата?

-Веќе 10 години имам искуство во граѓанскиот сектор и со моето вработување, па и со краткото меѓународно искуство секако од самите почетоци работев на превенција и заштита од дискриминација, со најразлични пристапи и на различни начини. Обезбедував бесплатна правна помош, а почнав со пишување закони, вклучително и Законот за заштита од дискриминација, бев и во работната група која го изготвуваше и некако логичен чекор ми беше да се обидам да влезам во Комисијата и така професионално да ја заокружам оваа приказна и повеќе да придонесам за заштитата од дискриминација. Комисијата сега има проширени надлежности и тоа беше предизвикувачки. Секако, кога сте во тело кое донесува одлуки многу подиректно може да учествувате во самите промени и тоа беше една движечка сила за да аплицирам.

Каква состојба затекнавте, колку предмети се во фиока?

-Немавме Комисија речиси две години, но важно е што оваа Комисија не е правен наследник на претходната. Оваа е формирана како ново тело согласно новиот закон од 2020 година. Ние се викаме Комисија и делува дека сме правен наследник на претходната, но не сме. Сепак, во Законот стои дека се преземаат сите предмети кои се претходно иницирани.

„Грубо“ кажано, имаме седумдесет претставки кои треба да ги преземеме, тие се поднесени или во периодот кога немало Комисија или кога постоела, но се уште не биле завршени тие претставки. Согласно Законот од 2020 година постапките кои се стекнати, односно кои Комисијата ги стекнала како веќе започнати, треба да ги преземеме во рок од 90 дена. Ние се’ уште немаме физички услови за тоа, немаме се’  уште седиште, но со одлука на Влада добивме простории каде треба да се сместиме и тогаш да ги преземеме предметите. Тоа е прашање на физички услови каде ќе можеме да ги чуваме.

Како функционирате во моментов додека ги очекувате новите работни простории?

-Еднаш неделно одржуваме седници со физичко присуство во Клуб на пратеници. Тие седници траат по 3-4 часа, а останатите денови работиме онлајн. Највеќе работиме на надминување на сите бирократски работи кои треба да се завршат за да биде една институција функционална. Ја градиме од нула – вадење печати, регистрирање во Централен регистер, па се’ до исполнување на сите законски рабoти кои треба секоја институција да ги има (вадење на сите документи за да го користиме нашиот буџет, пријавување во Министерство за финансии и слично). Тоа се многу административни работи кои нема да верувате колку време одземаат поради целата бавност на нашиот бирократски систем. Паралелно гледаме да работиме на претставките кои пристигнуваат. Досега имаме добиено четири претставки.

Поранешниот простор во зградата на МРТВ не е пристапен, ние бевме децидни дека нема таму да работиме, бидејќи сакавме простории кои ќе се достапни за сите. Поштата ја примаме таму, но до крајот на месецот се надевам дека ќе ги добиеме новите простории. Сега сакаме да оствариме состаноци со сите домашни  и странски органи. Ги примаме претставките и работиме по нив. Новите простории во кои треба да се сместиме се всушност  просториите во кои беше сместена ДКСК во близина на Собранието, тоа се прилично добри простории. Треба и со антикорупционерите да имаме состанок за да направиме примопредавање, но тука и СОЗР треба да се вклучи. Тие простории ни се доделени од Влада, големи се и пристапни, можеме лесно да ги опремиме и на фина локација се. Очекувам од април да сме во новите простории за да примаме пошта на новата адреса.

Според вашето досегашно искуство, кои се најчестите основи по кои се дискриминирани граѓаните во земјава?

-Не е лесно да се даде одговор на ова и овие податоци може да ги гледаме на два начина.  На пример, случаите може да се адресираат до државните тела за еднаквост и антидискриминација, а тоа се Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител. Тоа се институциите кои водат статистика за поднесени претставки.

За периодот 2019-2020 немаме извештај, но најчесто основа за дискриминација е политичкото уверување.  Институциите ги регистрираат само случаите кои се иницирани од граѓаните, а здруженијата имаат статистика по документирани случаи, дури и оние за кои странката не сакала да поведе постапка. Ваква статистика води Хелсиншкиот комитет. Според овие податоци, најчести основи се родот, полот и сексуалната ориентација што е различно од наодите на Народниот правобранител. Најголем број случаи секогаш доаѓаат по повеќе основи или два основи кои не се разделени. Многу е интересено овој феномен да се истражи и сите органи имаат законска обврска да водат статистика сегрегирана по основи на дискриминација. Се надевам дека ќе имаме попрецизни  податоци.

Објаснете ни ја поконкретно улогата на Комисијата.  Дали одлуките се со правно обврзувачко дејство?

-Комисијата има зголемени ингеренции. Со претходниот Закон, Комисијата имаше 13 надлежности , таксативно наброени. Главната надлежност т.е фокусот беше да работи по претставки од граѓаните или да иницира постапки по службена должност, да соработува со други државни органи во превенцијата и заштитата од дискриминација. Со новиот Закон, имаме 26 надлежности, а се зголемува и квалитативниост аспект, значи не само како бројка туку и како тежина е повеќе она што го прави Комисијата. Се става повеќе фокус на промоција на превенцијата. Комисијата дава општи препораки за еднаквост, но сега имаме и активна улога да учествувуваме во изготовка на извештаи кои државата ги поднесува пред меѓународните тела и да ги следи нивните препораки согласно некои договори кои државата ги потпишала, може да учествуваме во работни групи за закони кои имаат антидискриминаторски одредби. Најголем дел од законите имаат провизии за еднаквост и недискриминација, па Комисијата може да постапува и по претставки  и по службена должност, дури и може да бара од судот да настапи како пријател на судот, да се вклучи во некоја судска постапка  за заштита од дискриминација. На крај  имаме и аналитички надлежности, давање квартални извештаи и слично.

Имаме многу поширок дијапазон на надлежности, а мислењата кои ги носиме не се правно обврзувачки, бидејќи идејата на телата за еднаквост е да немаат правно обврзувачки мислења.

Комисијата со промена на некои одредби во новиов Закон сега има обврска да поведе прекшочна постапка против лицето кон кое упатило препорака, а таа не е отстранета.

Минатиот Закон даваше можност Комисијата да одбере сама дали ќе поднесе барање за прекршочна постапка, а сега мора да се поднесе пред надлежен суд за прекршоци. Доколку утврдениот дискриминатор не постапи по препораката ќе се соочи со плаќање прекршок. Тоа ни дава за право да мислиме дека упатените мислења до дискриминаторите нема да се земаат здраво за готово.

Членовите на Комисијата одбираат претседател, тоа беше и претходно предвидено, но сега претседателот има мандат од една година без право на повторен реизбор. Оваа Комисија за разлика од други вакви тела има еден систем на апсолутна еднаквост. Претседателот нема поголеми овластувања од останатите членови или комисионери. Комисијата мора да има потписник за да настапи во правниот промет, тоа е повеќе симблична функција, отколку што дава поголема улога на претседателот

Во член 16 од Законот се вели дека Комисијата одбира претседател со мандат од една година.

Сега претседателка е Весна Бендевка, таа беше избрана на конститутивната седница на Комисијата поради долгогодишното искуство, па и сакавме да дадеме став дека треба жена да е претседател бидејќи Комисијата не е родово балансирана и симболично сакавме да покажеме дека треба да има повеќе простор за жените во ваквите тела.

Веќе споменавте дека ќе работите и на промоција на вредностите и принципите на еднаквост, па дали веќе планирате некакви кампањи во оваа насока, приближување до граѓаните и нивна едукација?

-Ние ја изготвуваме стратегијата на Комисијата и тоа ќе ја трасира нашата работа на подолг рок, а имаме и годишен план. Промотивните активности се важни од повеќе аспекти. Прво, затоа што ја начекавме Комисијата од нула, па по речиси 2 месеци се’ уште не сме видливи за јавноста. Граѓаните не го чувствуваат телото како блиско, со должна почит за претходниот состав но Комисијата не уживаше доверба кај граѓаните, не се перцепира како орган кој влева доверба за да се реши одреден проблем.

Една од најважните задачи е ова тело да биде пристапно, граѓаните да може да се обратат ако имаат проблем со дискриминација.

Сакаме ова тело да го доближиме до граѓаните и ќе се потрудиме да ја информираме јавнста за работата на Комисијата, да биде присутна во јавноста и да ја вратиме довербата. Во однос на тоа какви ќе бидат алатките- ќе има кампањи, информативни материјали, ќе ги искористиме сите можни алатки за да ја вратиме довербата. Сакаме граѓаните да  може да поднесуваат претставки и електронски бидејќи има само едно седиште, не е децентрализирана.

Сакаме да има дел за електронско поднесување за претставка и по принципот на распределување таа ќе стига до комисионерот. Сакаме да го следиме примерот на Народниот правобранител, тие имаат апликација на веб сајтот, па сакаме нешто налик тоа да направиме. Кога тоа ќе биде готово не можеме да кажеме. Меѓутоа, дефинитивно една од најважните задачи е ова тело да биде пристапно, граѓаните да може да се обратат ако имаат проблем со дискриминација.

Сакаме ова тело да го доближиме до граѓаните и ќе се потрудиме да ја информираме јавнста за работата на Комисијата, да биде присутна во јавноста и да ја вратиме довербата.

 

Вања Мицевска