Се вакцинирав два пати во Бујановац- Како Мирослав Марковиќ од Скопје се имунизираше со Спутник В – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/21 1:20 PM

Се вакцинирав два пати во Бујановац- Како Мирослав Марковиќ од Скопје се имунизираше со Спутник В

Вакцинирање или не, ова е дилемата што ги мачи лугето кај нас. Од една страна сите се лутат што нема вакцини а од друга само шест проценти се пријавени да се вакцинираат. Еден од оние, кои сметаат дека вакцината е единствен начин на заштита од Ковид-19 е и скопјанецот Мирослав Марковиќ, кој се вакцинираше во Бујановац. Тој за да се заштити од Ковид-19, по лошото искуство, откако поради корона ја загуби мајка си и колега од работа, одлучи да ја одбере руската вакцина. Пред неколку дена ја прими и втората вакцина и, како што вели, му благодарам на Бога, нема последици.

-Да, така е. Јас не се заразив, но имам болно искуство со мајка ми, почина од корона пред пет месеци. Ми почина и колега од работа, заедно беве во канцеларија. Зарем е мала причина за да решам да се вакцинирам, односно да се заштитам.  Од она што секојдневно го читам, значи нема семејство во Македонија кои од поблсико или пошироко семејство не изгубил некој близок поради корона. Релативно и јас сум секој ден во контакт со луге, таква ми е работата,  услуги во информатичка технолофгија и морам да имам контакт со луѓе.

Како одлучи да се  вакцинираш во Бујановац?

-По порталиве читав дека луѓе кои имаат српско  државјанство може да се вакцинираат во Србија.  Одлучив и јас да пробам, по татко сум Србин. Аплицирав на нивниот официјален сајт, го пополнив, ама немав срспки број, па за контакт го дадов бројот од татко ми, кој живее во Србија. Кога ја пополнив апликацијата, ми вратија дека пријавата е успешно пополнета. Можев да си бирам со која вакцина сакам да се имунизирам, ги имаше скоро сите и јас одбрав да се вакцинирам со руската Спутник В.  Избрав и да се вакцинирам во Бијановац, бидејќи ми е најблиску до Скопје. По две недели ми се јавија дека на 25 фебруари треба да одам да се вакцинирам.  Кога отидов прво ме прашаа со која сакам да се вакцинирам. Реков со руската и немаше никакви проблеми. Ме вакцинираа и ми дадоа едно ливче и ми рекоа да дојдам по 21 ден.  Само ме прашуваа дали сум алергичен на нешто и ми го прегледаа грлото. Ништо повеќе. Кога заврши ми рекоа дека по 21 ден повторно да отидам. Односно по 20 дена повторно мис е јавија и ме информираа дека е време за втората вакцина. Тоа беше минатата недела, значи пред неколку дена ја примив и втората доза. Немам некави нус појави само еден ден ме болеше кај што ме имаа боцнато. Досега  немам никакви други нус појави ниту со првата ниту со втората вакцина. За еден месец ќе направам тест за антитела, чисто ради себе, за да видам дали е ефикасна.

Во јавноста има поделени мислења за тоа дека за да се вакцинира некој во Србија потребно е српско државјанство?

– Кога јас  аплицирав, аплицираше и мојата сопруга Благица, сакавме заедно да се вакцинираме. И таа аплицираше, и неа ја информираа дека апликацијата е успешна, но до ден денешен не и се јавија да ја повикаат за вакцинирање. Бидејќи кога отидов јас да се вакцинирам извадија список на кој беше  моето има. Значи вакцинираат по список, не кој ќе дојде ќе биде вакциниран. Барем така е од она јас што го видов. Јас прашав за сопругата и ми рекоа штом ја нема во список не може да се вакцинира. Побаравме и на приватно, да си платиме и да се вакцинира, но ни рекоа дека може само по список. „Мораме по список, бидејќи ако не е така тогаш сите од регионов би доаѓале да се вакцинираат“, ми рекоа. Значи барем во нашиот случај имаше строга процедура.  Затоа мислам дека државјанството има улога во пријавувањето за вакцинирање. Сопругата покрај нејзиното македонско го има и моето српско презиме и еве јас веќе втората вакцина ја примив, а неа сеуште ја немаат повикано. И покрај тоа што на апликацијата успешно се пријави.

Дали ти рекоа дека  сега веќе си комплетно заштитен или, сепак, треба некое време да помине?

-Ми рекоа дека после првата доза, некаде по 7-10 дена почнуваат да се развиваат антителата. Но, по втората доза, целосно се развиваат и дека по три недели од втората доза од  руската вакцина, што јас ја примив, треба да бидам сосема заштитен. Значи некаде по 10 април јас треба да бидам сосема имунизиран.

Што ти рекоа, дали и понатаму како превентива останува маската и покрај тоа што си вакциниран?

-Да, да ми рекоа се додека не дојде до олеснување за сите, така и за мене. Ми рекоа дека остануваат сите мерки за заштита како пред вакцина така и сега, по вакцинирањето. Дека не смеам да се опуштам. Се додека не речат дека корона не постои веќе, нема симнување маски.

Има многу луѓе  кои се против вакцинирање, кој поради страв, кој поради верување на дезинформации..  Кој е главниот мотив кај тебе за току голема доверба во вакцините?

-Знаеш какво е моето размислување. Дека порано или подоцна заразување му следува на секого, е сега што ќе одбереш. Вакцинирање или заразување од Ковид-19? И од тие две зла можеби помало зло е вакцинирањето. Нека не се залажуваме дека короната ќе не одмине. Сите ние викаме- ех ама јас нема да се заразам, бидејќи никој не го посакува тоа. Ама кога ќе ти дојде на глава не знаеш со какви последици ќе се соочиш. Не сакам да размислувам дали е заговор или не, знам само дека што и да е мора да се заштитиме. Немам против никој ништо, ниту, пак, имам против тие што не сакаат да се вакцинираат. Секој за себе носи одлуки. Но, ако јас би се прашал сите треба да се вакцинираме за да ова заврши побрзо. Сите луге околу мене, со кои јас комуницирам и се дружам се на ставот дека треба да се вакцинираме за да се заштитиме.

Тоа се можеби оние кои немале лошо искуство?

-Не знам. Можеби и заради немањето кампања за да подобро им се објасни на луѓето што значи ова, или можеби први да се вакцинираат политичарите, за да се стекне доверба. Треба да се објасни убаво за да се одлучат лугето.  Јас не можев да ги чекам нашите вакцини да дојдат. Освен тоа и правото на избор ми се допадна. Јас сакав да се вакцинирам или со „Синофарм“ или со „Спутник В“ и  ја одбрав руската вакцина затоа што прочитав дека се поприродни, по стар наин на правење вакцини кој е најмалку опасен. Немам против и другите. Тоа е моето искуство и се надевам дека се ќе биде добро, дека кај нас вакцините што побргу ќе дојдат за да се вакцинираат луѓето, секој ден гледаме какви трагедии се случуваат. Јас и пред да се зарази мајка ми и да почине имав став дека треба да се вакцинирам. Ова  што се слуи со мајка ми само дополнително ме мотивираше и ми ја даде вистинската насока, дека треба да се вакцинирам. Дека вирусот е опак. Мајка ми почина пред пет месеци, со сестра ми бевме многу приврзани со неа и многу тешко ни паѓа.  Ни се откина дел од срцето и уште не можам да се оправам. Таа болка ќе ми остане. Затоа сметам дека заштитата е најважна.

Весна Миленковска