Прогласувањето на Шара за Национален парк нема да ја заштити планината, хидроцентрали ќе работат и во најзаштитените појаси – ММС
ММС

Објавено на: 03/22/21 3:03 PM

Прогласувањето на Шара за Национален парк нема да ја заштити планината, хидроцентрали ќе работат и во најзаштитените појаси

Шара ќе биде наскоро заштитена, заедно со вкупно 24 хидроцентрали, кои дел од нив  ќе работат и во најзаштитениот појас во пазувите на планината.  Досега вкупно се изградени 11 хидроцентрали, а 9 се во процес на градење. Голем дел од овие централи се во втората заштитена зона од планината, која се очекува наскоро да се прогласи за Национален парк, откако законот ќе помине во Собранието.

Но, за 5 хидроцентрали кои треба да се градат во строго заштитена зона, за кои има дадено концесија уште во 2018 година се чека на добрата волја на инвеститорите. Со нив лично Министерот за животна средина Насер Нуредини ќе преговара. Или ќе се согласат да се повлечат од градба, или пак ќе се градат.

-Тие концесии се веќе дадени. Има и во други национални паркови каде има изградба на хидроцентрали, кои се градат по строги критериуми. Ние не велиме дека треба да се градат хидроцентралите во овие зони. Но, сега таква е ситуацијата дадени се веќе дозволите, а за нивно откажување ќе видиме, ќе се преговара, вели Исен Џемаили директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина.

Од Платформата „Пријатели на Шара“, велат дека не треба да се дозволи понатамошни изградби на хидроцентрали, затоа што искуството покажало дека со секоја изградба на вакви централи се уништува природата.

-Па видете каква е природата над Општина Теарце. Таму се изградија три хидроцентрали и инвеститорите ни ветуваат дека се ќе се врати на свое место, но не е така, природата е уништена, не е како што беше. Со тие изградби на хидроцентрали ние немаме вода цела природа е поместена, вели Метин Муареми од Платформата Пријателите на Шара.

Законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк се очекува да се изгласа во собранието за неколку месеци. Потоа ќе треба да се донесе управувачки план за ова заштитено подрачје и основање на установата Национален парк која ќе управува со идното заштитено подрачје поделено на три зони.

Во третата зона или зона на одржливо користење ќе припаѓаат сите села од Шарпланинскиот масив, потоа втората зона или зона на активно управување кој го опфаќа средишниот појас на Шара каде сега се изградени поголем број од хидроцентралите и третата строго заштитена зона каде се планира да се изградат петте хидроцентрали, ако инвесторите не попуштат во преговорите со министерот за животна средина Насер Нуредини.

Најниската точка на заштитената зона ќе биде над село Лешок на околу 550 метри надморска височина, највисоката Титов Врв на 2.747 метри. Освен трите зони паркот ќе има уште еден дополнителен заштитен појас а тоа е Попова Шапка, центар кој ќе се развива според донесениот мастер план за нејзин развој  се до прогласувањето на Шар Планина за национален парк и функционирањето на ова заштитено подрачје, а тоа се очекува најдоцна до оваа есен. Министерот за животна  средина и просторни планирање Насер Нуредини објави дека донел решение за привремена заштита на Шар Планина.

 

„Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува решението се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. Предлог-законот е одоборен од страна на Владата и во најскоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување”, велат од кабинетот на министерот Нуредини.

Решението за привремена заштита на Шара подразбира сите иницијативи за градење, добивање концесии и слично да бидат запрени.

Зоран Димовски