“Ќе бидеме лош пример, ама ете се запознавме преку Инстаграм (Не го пробувајте ова дома). За нашето запознавање Netflix може една мини серија да сними, но нема да навлегувам во детали. Се почна наивно и како еден обичен флерт на социјалните медиуми“, вака почна да ја раскажува љубовната приказна Елена Милева, сопруга на шпанскиот ракометар Едуардо Гурбиндо, кој од следното лето ќе го облече дресот на Вардар. Се уште не пристигнат во Скопје, но Гурбиндо веќе е во силна врска со Македонија затоа што има македонска сопруга со која наскоро ќе добијат и принова.
Елена Милева потекнува од Свети Николе, родното место на нашиот Кирил Лазаров со кого Гурбиндо игра заедно во францускиот клуб Нант. Таа за ММС раскажува што ја привлекло кај популарниот Гурби, за новиот живот, обврските и очекувањата за нивната иднина, но и за тоа како се запознале и решиле да почнат заеднички живот.
“Првпат слушав за Едуардо и го видов за време на мечот на Македонија со Шпанија на Европското првенство во 2018 година. Почнавме да се допишуваме на Инстаграм, разменивме броеви и преминавме на видео повици. Комунициравме многу на дневно ниво и почнавме да се зближуваме. И двајцата сакавме да се видиме и таа средба се случи непосредно по завршувањето на Европското. Продолживме интензивно да комуницираме и да правиме планови за следни средби. Беше многу комплицирано бидејќи јас во тоа време имав работа во Македонија и не беше едноставно да комбинираш слободни денови. Тој имаше набиена агенда и обично за викенд е некаде со тимот. Од февруари до јуни се гледавме на средина на релација Скопје – Нант“, објаснува Елена и додава:
„Потоа дојдовме до клучен момент каде што разговаравме дека ако сакаме д бидеме заедно мора да бидеме блиску еден до друг. Тоа беше моментот кога се одлучивме да си дадеме шанса и да живееме заедно во Нант“.
Кај Едуардо најмногу ја привлекло тоа што тој е едноставна, забавна и опуштена личност покрај која се чувствува удобно и своја.
“Да не биде клише, секако дека прво физичкиот изглед ме привлече на почеток. Настрана од неговата убавина, најмногу ми се допаѓа кај него тоа што знае како да го разбуди детето во тебе и има неверојатна смисла за хумор“, вели Елена.
Откако заминала во Франција, на Елена и се сменил животот за 180 степени. Се било забава и радост додека не сфатила дека повеќе не е турист во Нант, туку дека е жител и навикнувањето на живот далеку од дома одело малку потешко.
“Јас имав супердинамична работа во Македонија, активен социјален живот и реално никогаш немав амбиции да живеам надвор бидејќи бев среќна и во мојата земја. Знаев дека ќе ми недостига семејството и пријателите, но не замислував дека до токлку ќе ми недостасува храната и тој хедонистички начин на живот кај нас. Себеси се сметам за работлива и постојано имам потреба да правам нешто за да се надградувам, а овде се најдов толку ограничена за тоа поради јазикот. Имаше период што навистина тешко го поминав, ама научив многу и станав посилна.
Учев франуски и шпански истовремено, учев дигитален маркетинг, отворив своја страница за продажба“, објаснува Елена за периодот кога почнала да живее во Нант заедно со Гурбиндо.
Таа е свесна дека додека е тој активен ракометар таа секогаш ќе биде „следач“ и ќе треба да се адаптира на него. Но, воопшто не се кае за одлуката и не би ја променила за ништо на светот.
А, зошто би ја променила кога плодот од нивната љубов наскоро ќе дојде на свет. Елена и Едуардо наскоро ќе станат родители.
“Бебето е машко, иако секогаш има простор за изненадување. Ќе се породам овде во Франција и здравје на лето пред почетокот на сезоната ќе се преселиме во Скопје“, открива шпанската снаа.
Ја прашавме Елена што се го научила Едуардо за Македонија, но пред да одговори, се пошегува дека Гурби ја предупредил дека ќе го преведе нејзиниот одговор на Google за да види дали била искрена.
„На почеток почнав да го учам македонски и активно барав да најдам некоја книга или некој прирачник, но се беше на кирилица. Почнав да го учам, но траеше кратко бидејќи јас во меѓувреме учев француски и шпански. А за македонската кујна не смее да се пожали. Секојдневно готвам наши јадења: сарма, мусака, тавче ориз со пилешко, компир манџа, пастрмајлија, бурек, кифлички… Досега не рекол дека нешто не му се допаднало, омилени му се сарма и пастрмајлија“, со сласт зборува Елена која веќе го подготвила Гурбиндо за тоа што го „очекува„ на македонската трпеза кога ќе пристигне во Скопје.
Шпанскиот ракометар присуствувал и на македонска свадба и запознат е скоро со сите обичаи. Но, поради кариерата, немал време досега да ги запознае убавините на Македонија, освен Охрид и Свети Николе.
„Затоа најмногу и се радувам за нашето враќање бидејќи конечно ќе има можност да прошетаме баш секаде бидејќи има многу места кои сакам тој да ги види“.
Гурбиндо бил тотално збунет кога за првпат пристигнал во Свети Николе, но во позитивна смисла.
„Се чувствува баш како дома. Свети Николе е место каде што сите се блиски и се познаваат и поради тоа имаш чувство на доверба и сигурност во секоје момент. Нормално, кафаните му оставија најголем впечаток и заљубен е во атмосферата и смислата за хумор. Само, не му е јасно како е можно кај нас толку да се јаде и пие во обилни колични“.
Гурбиндо е соиграч на Кирил Лазаров и во Нант и во Барселона. Со оглед на тоа дека таа и Кире се сограѓани, логично и најидеално сценарио би било да се помисли дека нашата ѕвезда била стројникот. Но, Елена вели дека Лазаров нема никаква поврзаност со нивната љубовна приказна, иако кога имаат слободно време се дружат со семејството на Кире.
„Сме имале неколку дружби кога и двајцата имале слободно време, но тоа е ретко затоа што секој од нив сака да помине што повеќе моменти со семејството и да одмори. Меѓутоа јас и сопругата на Кире, Љубица, се дружиме многу често. Со неа стекнав едно искрено пријателство кое мене многу ми помогна овде и ние баш секоја прилика ја користиме да пиеме кафе или чај заедно. Многу често сме заедно бидејќи живемее во иста зграда и ни е супер погодно за кратка кафе пауза. Имаме секогаш теми за муабет и јас ја обожавам Љубица како личност. Можам да кажам дека ми е најблиска пријателка овде и единствено пријателство кое ќе продолжи понатаму без разлика каде и да не однесе животот“.
Елена тврди дека немала директно влијание врз одлуката на Едуардо да потпише за Вардар, но многу и е мило што се наредиле коцките тој да биде дел од македонскиот првак и со тоа да минуваат повеќе време во нејзината родна земја.
„Гурби е професионалец во својата работа и знае што е најдобро за неговата кариера, а истовремено е толку несебичен при носењето на одлуките затоа што му е важно и мислењето на неговото семејство. Тој е толку одмерена личност која знае дека ја има мојата стопроцентна поддршка за секоја одлука и верувам дека во ниту еден момент не бев „емотивна уцена“ за доаѓањето во Скопје. Јас не очекував дека некогаш ќе имаме можност да дојдеме во Македонија и не е тајна дека сум многу среќна што ќе имам шанса да поминам некое време дома на свој терен со Гурби“, додаде Елена.
Орце Костов