ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека склучил договор со фирмата на сопругот на Царовска, од Град Скопје велат дека само се измислуваат скандали – ММС
ММС

Објавено на: 03/21/21 3:53 PM

ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека склучил договор со фирмата на сопругот на Царовска, од Град Скопје велат дека само се измислуваат скандали

Пред две недели, на 4 март, Флај Кем, фирмата на „родител два” во семејството на Мила Царовска, потпишува договор со Град Скопје за снимање со дрон за неверојатни 1.340 евра за прелетан километар квадратен над Скопје, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Всушност, сопругот на Мила Царовска склучил договор со потписникот Петре Шилегов, за цела година, односно за 12 месеци, во вкупна вредност од 1.000.000 денари! Уште поинтересен факт од овој договор е ПРИЧИНАТА за овој договор, односно, за што „фирмата на сопругот на Мила Царовска, обезбеди работа, летање дрон, за цела година и се обезбеди со 1.000.000 денари. Предмет на договорот за сопругот на царовска е- ќе бидам прецизен- Услуга за изнајмување на опрема за висинско набљудување- на шумски површини во скопската котлина- за рана детекција на растителни болест!? вели Стоилковски, прашувајќи дали е потребен ваков проект во време на пандемија.

Тој вели дека  сомнежот за можна злоупотреба е поголем затоа што ваквите договори се повторуваат, бидејќи истата фирма беше ангажирана од Шилегов во мај 2019 година, за снимање на диви депонии во Скопје, за речиси иста сума од милион денари за една година, а во тој период како што велат, се одвиваа и избори.

Од Кабинетот на Шилегов пак велат дека во неполни три ипол години, градоначалникот успеал да заврши многу проекти, а ВМРО-ДПМНЕ измислувале скандали и ширеле лажни вести.

– Ако се има сево ова предвид, тогаш е јасно зошто вмро-дпмне вештачки се обидува да креира наводни скандали, бидејќи и нив им е јасно дека ќе добијат поразителна порака на следните локални избори. Им порачуваме да почнат да си го сакаат градот во кој што живеат, да почнат да работат за него и да престанат да шират лаги, се вели во реакцијата од Град Скопје, по набројаните проекти на градоначалникот Шилегов, притоа неспомнувајќи го договорот.