Со пеење на химната и извикување „Никогаш Северна само Македонија“ и „Слобода, слобода“ започна денешниот собир на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“, пред штипскиот затвор.
Александар Пандов, претседателот на патриотскиот институт, денешниот „Собир за Слобода“ го нарече свет ден за македонската демократија, бидејќи сакаат да им искажат доверба и поддршка на браќата уставобранители. На затворените уставобранители, или како што Пандов ги нарече маченици на 21 век, им порача дека не се заборавени и дека се светилници што покажуваат дека и во најцрните времиња кога Македонија е поробена, постојат македонски синови што застануваат во нејзина одбрана.
– Сакам да им се заблагодарам на роднините кои денеска се тука и го истрпеа четиригодишното владеење на Зоран Заев, меѓутоа како што истрпија браќата кои се затворени тука и во македонските затвори и нивните родители, сопруги и деца, никој друг не истрпе. Верувам дека како што и јас, секој еден од вас страда заради затворот и патењето на браќата по крв и по идеологија. Нивниот грев се состои од тоа што ја љубат и ја сакаат Република Македонија, можеби малку повеќе од нас останатите, мене ми е жал што не се наоѓам таму со нив, затоа што мислам дека многу полесно ќе го истрпев овој црн период на национално понижување што ни го прави Зоран Заев, рече Пандов потенцирајќи дека уставобранителите внатре, се само поради тоа што му пружиле отпор на Зоран Заев и дека биле во право кога зборувале дека ќе биде променет уставот и Македонија ќе стане двојазична.
Пандов вели дека уставобранителите не бараат милостина од Зоран Заев, туку само нов судски процес, кој ќе биде фер и правичен.
– Јас сум сигурен дека во таков судски процес нашите браќа ќе бидат слободни, не само што ќе бидат слободни туку ќе бидат и величени во новата македонска историја како едни од најголемите херои. Дојдени сме тука да порачаме дека ние не можеме да прифатиме македонските затвори да бидат полни со патриоти, а во исто време корумпирани криминалци да се шетаат по Мексико и Дубаи, рече Пандов надоврзувајќи се со тоа дека Македонија е единствена земја која се уште нема набавено вакцини.
Новата власт на ВМРО-ДПМНЕ како што порачаа, нема да има милост ниту жал за предавници и корумпирани криминалци. На премиерот Заев му порачаа дека денешниот ден треба да го запамти затоа што денеска започнува Македонската пролет, а народот ќе биде по улиците се додека тиранијата не ја тргнат од владата.
Протестот симболично заврши со македонската патриотска песна „Послушајте патриоти“.
Инаку пред нешто повеќе од еден месец, Апелација им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно 188 години затвор добија 16 осудени.