Дали накоро ќе бидат донесени законите што треба да овозможат реализација на мерките за работодавачите погодени од кризата да можат да им исплатат плати на вработените ќе се знае во вторник, 23 март, за кога е закажана собраниската седница на чиј дневен ред се и овие законски решенија. Компаниите се жалат дека поради нефункционалноста на Собранието не можат навреме да ги добијат платите и најавуваат дека ако тоа не се случи наскоро, може да се најдат во состојба да отпуштаат работници. Власта уверува дека пари за февруарската плата ќе има навреме, но потенцираат дека тоа зависи од пратениците. Ако нема тактизирање и водење од политички, туку од интересите на граѓаните, потенцираат, законот може да биде донесен навреме. Опозицијата пак, обвинува дека виновна за доцнење на носењето на овој закон е власта. Законот, велат, бил доставен во Собрание на 17 февруари, а ставен на седница за 23 март. Ова, појаснуваат, било со цел власта да има време да се задолжи за да може да ги исплати средствата предвидени со петтиот пакет мерки.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи посочува дека ако не се најде политичка волја да се донесе законот за финансиска помош на компаниите, за исплата на платите за февруари и март, компаниите би можело да се соочат со сериозни проблеми, што би довеле и до отпуштање на работниците.
Според него, состојбата со пандемијата во европските земји, тамошните затворања и помала побарувачка на стока, може до доведе до затворање на голем број наши компании или отпуштање на работници, затоа што ако тие немаат финансиска поддршка од државата логично е да ги отпуштат вработените.
Помошта за плати е една од повеќето мерки од петтиот владин пакет, за кои е потребна законска регулатива. За некои законските решенија веќе се доставени во Парламентот, а некои се уште се подготвуваат.
МИА