Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во посета на модуларната болница во Кочани. Здравствениот систем се соочува со силен бран од ковид пандемијата, а секојдневно се прави реорганизација на болничките капацитети како би се одговорило на потребите на граѓаните. Министерот за здравство посочи дека отворањето на модуларните болници се од голема важност бидејќи го зголемуваат капацитетот на инфективните одделенија во цела држава што е од клучна важност во овој период.
-Се соочуваме со навистина силен бран, секој ден има навистина голем број на новодијагностицирани случаи и сето тоа бара една организација и прераспределба на пациентите коишто се јавуваат во болниците по регионите и секако пациентите на коишто им е потребен хоспитален третман во скопските јавно-здравствени установи. Денеска сме тука во Кочани, ова е дел од 17 те модуларни болници – проект којшто го правевме на територијата на цела држава и еве сега кога се соочуваме со ваков силен бран сме дефинитивно свесни што ова значи. Со овие болници се зајакнува капацитетот во болниците, на бројот на болнички кревети. Над 30 дополнителни кревети многу значи за болницата во Кочани заради тоа што таа услужува огромен број на пациенти во државата, тука доаѓаат пациентите од Берово, од Виница, од Пехчево, од Пробиштип, од Каменица итн. Пациентите традиционално бараат лекарска услуга и во други специјалности заради тоа што болницата е позната по својата експертиза, а сега со начинот на прераспределба на работата голем дел од капацитетите се посветени на третман на пациенти со Ковид 19 – рече министерот Филипче.
Министерот истакна дека независно од изградбата на модуларната болница, имзминатиов период во ОБ Кочани се инвестирало многу што е од клучна важност за граѓаните од овој регион.
-Во болницата инвестиравме во изминатиот период независно од овој дел, има нов апарат за анестезија, понатаму се доби и стигна донација којашто треба да се реализира од Јапонската амбасада за ехо апарат и секако модуларната болница ќе биде опремена со дополнителен ехо апарат со сите сонди и подвижен дигитален рентген апарат за да служи на потребите не само за ковид пациентите туку и за другите специјалности – рече Филипче.