По 781 година, вулканот Фаградалсфјал на Исланд повторно исфрла лава – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/21 12:58 PM

По 781 година, вулканот Фаградалсфјал на Исланд повторно исфрла лава

Во југозападниот дел на Исланд, на полуостровот Рејкјанес се активираше вулканот Фаградалсфјал и по 781 година повторно започна да исфрла лава, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Канцеларијата за метеорологија на Исланд на социјалната мрежа Фејсбук ги објави снимките на кои може да се забележи малата ерупција на вулканот Фаградалсфјал, по што исфрлената лава започнува да се разлева во две насоки.

Лавата која напредува во две спротивни насоки, може да се види од главниот град Рејкјавик, кој од вулканот е оддалечен 32 километра.

Во објавата на Фејсбук се наведува дека ерупцијата на вулканот на полуостровот Рејкјанес е прва по 781 година.

Претставниците на службата за итни случаи соопштија дека не очекуваат да се спроведе евакуација бидејќи ерупцијата се случила во долина што е далеку од населените места.

На полуостровот Рејкјанес во периодот 24 февруари – 17 март регистрирани се повеќе од 50.000 земјотреси.

Научниците претходно изјавија дека овие земјотреси на Исланд, кој се наоѓа меѓу двете тектонски плочи на Евроазија и Северна Америка, можат да се предвесници на вулканска ерупција.