Владата очекува безбеден попис, опозицијата бара одложување – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/21 9:09 AM

Владата очекува безбеден попис, опозицијата бара одложување

Пописот 2021 ќе се спроведе, а гаранција за тоа се строгите протоколи. Надлежните порачуваат дека граѓаните и попишувачите ќе бидат безбедни, и оти целиот фокус на Владата е во таа насока. Од опозицијата сметаат дека пописот сега ќе биде кобен за граѓаните, и бараат да се одложи за септември.

Владата ги следи препораките на Комисијата за заразни болести, а успехот на Пописот го гарантираат методологијата и здравствените протоколи, беше дециден вчера владиниот портпарол, Душко Арсовски, кој рече дека сите капацитети се насочени токму кон спроведување на пописот.

Според надлежните, пописот е неопходен и е од највисок интерес за државата. Како што изјави Арсовски, методологијата е дефинирана според сите стандарди на ОН и на Евростат и гарантира успешност. Институциите, додаде тој, имаат капацитет и гарантираат спроведување на пописот согласно сите здравствени протоколи во услови на пандемија и граѓаните ќе бидат заштитени

Инаку, првата фаза од Пописот, во која беа опфатени вработените од Дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците, е завршена.

Самопопишувањето на дијаспората продолжува и се одвива без проблеми. Отстранети се сите технички проблеми, тврдат портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа.

Досега се попишани над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 илјади, Германија – 19 илјади и Италија со над десет илјади самопопишани граѓани.

Исто така, завршија обуките на државните инструктори, кои заедно со комисиите на пописните региони ќе го организираат тестирањето на кандидатите кои се пријавуваат на дополнителниот Конкурс за попишувачи, кој е отворен до денеска.

Попишувачите ќе имаат можност да заработат хонорар и до 35 илјади денари и ќе бидат на терен од 1 до 21 април годинва. Најголем од досега пријавените се студенти и невработени.

Од Државниот завод за статистика се сигурни дека ќе го имаат потребниот број попишувачи и оти ќе можат со полн капацитет да ги почнат пописните активности на 1 април.

Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек, и од ДЗС сметаат дека до сабота вечер, додека е отворен повикот, ќе го имаат потребниот број попишувачи.

-Треба да напоменам дека уште на првиот повик за попишувачи ние го имавме потребниот број на попишувачи и реонски инструктори но овие дополнителни повици за попишувачи се заради рамноправна распределба на попишувачите по реони и со почитување на правичната застапеност на сите етнички заедници и поради тоа што одреден број пријавени на првиот и вториот конкурс не се пријавија на тестирањето па ја користам можноста да ги повикам сите оние кои не се појавија на тестирање ќе имаат можност и сега да учествуваат на тестирањето, рече вчера Јасмина Георгиева од ДЗС.

За оние лица кои се болни или пак во изолација, пописни податоци ќе даваат членови на нивните семејства.

Заводот за статистика од следната недела на дневна основа ќе почне да добива податоци за лицата заболени од Ковид-19, со што ќе има информации за временската рамка во која тие се наоѓаат во изолација.

– Доколку се најде некој „прозорец” во кој може да се попише лицето додека трае пописот, ќе го направиме тоа. Во спротивно, доколку во целиот период на спроведувањето на пописот лицето е во изолација, ќе се обидеме да стапиме во контакт со него и да видиме кои членови на неговото домаќинство или семејство можат да дадат податоци за тоа лице, изјави Георгиева.

Исто така, од Владата сметаат дека се многу мали можностите за измама при попишување на блиските во странство.

Според надлежните, луѓето што ги попишуваат своите блиски кои се во странство ќе гарантираат со својот матичен број за сите податоци што ќе ги дадат за нив.

Што се однесува до новодијагностицирани лица со Ковид-19 по општините, ДЗС ќе добива податоци за нов на дневна основа.

Според протоколот, секој попишувач ќе има обврска пред влегувањето во секое домаќинство да се дезинфицира.

Тоа значи дека треба да стави маска, да ги дезинфицира рацете и лаптопот и потоа да влезе во домаќинство.

За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, укажа дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата.

– Се додека не се донесе  некоја поинаква одлука ние ќе ги почитуваме постоечките рокови, кои ни се зададени. ДЗС не е тој кој треба да побара одложување, сепак има надлежни инстанци кои ја оценуваат генерално состојбата во државата, изјави Ѓоргиева.

До евентуално одложување на пописот може да дојде само доколку за тоа даде препорака Комисијата за заразни болести, таквата одлука не е во делокруг на Државниот завод за статистика, кој во моментов се раководи според постоечкиот оперативен план. Ова претходно за МИА го изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

-Оваа одлука не е на Државниот завод за статистика. Доколку Комисијата за заразни болести оцени дека состојбата е таква и им препорача на Кризниот штаб и Владата и се донесат соодветни одлуки за одложување на пописот, ние ќе ги почитувани сите донесени одлуки. Засега се раководиме според постоечкиот оперативен план, истакна Симовски за МИА.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека пописот во април ќе значи нови 2000 смртни случаи. Тие бараат пописот да се одложи за во есен.

-СДСМ го жртвува здравјето на народот. Попис во април ќе значи нови над 2.000 смртни случаи. Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека попис без завршена имунизација е кобен за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на есен, бидејќи сметаат дека дури тогаш би се спровела имунизација и ќе се заштитат животите на луѓето.

-Попис по секоја цена е смрт за народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пописот на населението во земјава треба се спроведува од 1 до 21 април 2021 година.

МИА