Во Мјанмар, каде што неодамна беше извршен воен удар, пратениците кои се против пучот во земјата, со цел да ја вратат Цивилната влада, основаа Комитет за застапување на Националното собрание, соопштувајќи дека преку Комитетот се обидуваат да ги изведат членовите на хунтата пред Меѓународниот кривичен суд (МКС), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кјав Мо Тун, постојаниот претставник на Мјанмар во Обединетите нации (ОН), кој присуствуваше на настан организиран од Институтот за истражување на човековите права на Универзитетот „Колумбија“, зборуваше за активностите што се спроведуваат за да се запре Воената влада во Мјанмар.
Амбасадорот Тун во своето обраќање изјави „Комитетот за застапување на Националното собрание ги проценува можностите за гонење на оние кои биле вклучени во пучот на Армијата на Мјанмар и оние кои спроведоа вооружено насилство врз мирољубивите демонстранти. Меѓународниот кривичен суд е еден од нив.“
Зборувајќи дека Мјанмар не е член на МКС, амбасадорот Тун изјави дека ќе се обиде на секој начин прашањата за воениот удар и насилството врз демонстрантите да се донесат пред Меѓународниот кривичен суд.
По воениот удар во Мјанмар, 17 члена на Националното собрание и Сенатот на 5 февруари изјавија дека не ја признаваат Воената влада и го формираа Комитетот за застапување на Националното собрание, прогласувајќи дека тие се легитимна власт.
– Воен удар во Мјанмар –
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.
Турција го осуди пучот, а различни реакции и критики во врска со пучот упатија и земјите од Западот.
Жителите на Мјанмар на 6 февруари започнаа демонстрации со барање за враќање на демократијата во земјата. Во интервенциите што безбедносните сили ги спроведоа против демонстрантите, животот го загубија приближно 90 демонстранти, а над 1.500 лица се приведени.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред воениот суд.