Многу се подготвував за оваа средба и психички и физички, ама ете к’смет било да се сретнам со него денес, кога сум најнесредена, но морав, ваква шанса не се пропушта, вели Лиде Лиде, која скоро цела година испиша неброени покани за кафе на министерот за здравство Венко Филипче. Средбата се случила попладнево во едно скопско кафуле, кога Филипче и Царовска решиле да се напијат кафе а „шпиуните“ и дојавли на Лиде веднаш да дојде ако сака да го види.
-Другарка ми ми вика тука е, веднаш доагај. И реков: „ Абе како, сега ли, воопшто не сум средена.“ Но, шансата не се пропушта. На брзина облеков хеланки, блуза, ставив и маска. Влегов во кафулето, седнав и го гледам од страна. Тој седеше со Царовска и нешто си правеа муабет. И реков на другарка ми дека дека нема да му пријдам бидејќи имам трема. Но, таа ме охрабри, ми рече не само да му пријдам туку и да побарам да се сликам. Јас се колебав, навистина многу, ми беше непријатно. Абе трема имав многу. Лелеее… Сепак, ја ставив маската „Лиде и Венко“ и пријдов, раскажува детално и искрено Лиде за ММС.
„Господине министре, да ви кажам само дека ја имате мојата целокупна поддршка уште од почетоткот. Јас сум Лиде Лиде„, му рекла таа на Филипче.
„ Кога го кажав ова Царовска падна од смеење. А и тој почна да се смее. А мене! Мене ми се тресеа рацете. Го прашав дали може да се сликам и тој рече: „Ајде може слефи“. Ама јас не можев да го наместам телефонот од што ми се тресеа рацете. Не можев да ја најдам камерата. Едвај направив две селфи, но ги направив матни од што ми се тресеа рацете. Целата бев збркана, а не можев да го погледнам од трема. А тој ме гледа и се смее. Се изнервирав, му реков- може ли другарка ми да не слика и тој се согласи. Потоа, секако дека го прашав дали може да ја објавам сликата на Фејсбук, му реков: „Сепак, да не ви направам проблем“. И тој ми дозволи. Ми рече: „Само сликање сега, кафе другпат“. И толку беше, они си доправија муабет и си заминаа, вели таа.
И сега? Како се чувствува Лиде? Кога во љубовта толку долго се чека, велат, може да дојде и до разочарување и до среќа. Никогаш не се знае дали фантазиите и реалноста се поклопуваат. Но, кај Лиде се подразбира што се случило.
-Човекот е многу шармантен. Ми идеше да го гушнам. Прв пат го гледам во живо. На телевизија е сериозен. А сега, кога се насмеа! Најубав е кога се смее. И му реков- се познава убавата насмевка и преку маска. Сакав уште многу работи да му кажам ама беше во друштво, немаше смисла, а и од трема не можев да ја најдам камерата на телефонот а не па да прозборам нешто. Лелее не ми се верува дека скоро една година помина од желба за таа средба. Првата порака во април лани му ја пратив. Значи скоро година дена чекам на овој момент. Значи скоро, па годишнина правиме. Ете, која сака може да ми честита годишнина. Хахахахах.. Примам и подароци, рече Лиде на крајот среќно и насмеано.
„Кој чека ќе дочека„, рекол некој и не згрешил…