Долгоочекуваниот попис треба да започне за десетина дена, но постои можност да не се пријават доволно попишувачи во сите реони на последниот и трет јавен повик кој трае до утре.
Државниот завод за статистика треба да го организира и одржи пописот од 1 до 21 април, но на двата огласи кои тој ги објави претходно не се пријавија доволно реонски попишувачи и затоа беше распишан трет оглас за општините каде што недостастуваат луѓе.
„Повикот се однесува само за реоните каде недостасуваат попишувачи, а со цел да се запази принципот дека секое населено место ќе има локален попишувач кој го познава местото и населението што живее таму, како и да има доволно попишувачи кои можат процесот да го спроведат на јазиците кои се загарантирани со Уставот на Северна Македонија, стои во известувањето од Државниот завод за статистика.
Реонски попишувачи фалат речиси секаде. Во Охрид, ДЗС е пократок за 127 попишувачи, во Аеродром 139, во Карпош 109, Гази Баба 100, а во Велес уште 51 попишувач.
Според правилникот на Заводот за реонски попишувачи можат да се пријават само невработени лица кои завршиле средно училиште и имаат познавања од компјутери. Но, невработените лица не ги мотивира ниту хонорарот од околу 35.000 денари или околу 600 евра кои би го заработиле за еднонеделна обука во ДЗС и тринеделна работа на терен.
Надоместокот за попишувачите за правилно внесени податоци во електронскиот прашалник ќе знесува: за попишувач паушален износ од 4.000,00 денари; за секое попишано лице по 30,00 денари, за секој попишан стан по 20,00 денари;
за секое попишано домаќинство по 50,00 денари, за лице определено за резерва паушал од 5000,00 денари и за секој ден ангажирање по повик на резервниот попишувач 700,00 денари дневно.
Орце Костов