Секој човек за својата егзистенција се снаоѓа на свој начин, само за да донесе парче леб за себе и својата фамилија. Во време на пандемија животот не ни малку лесен за сите, едвај се крпи крај со крај, но сепак има луѓе кои со помалку се среќни и благодарни на Бога што се живи и здрави. Таков е и Кемал Бајрами (28) од скопската населба Топаана, кој 17 години се занимава со собирање на старо железо. По повод светскиот ден за реациклирање, место статистики ММС реши низ жива приказна да го претстави стариот „Старо купујем“, односно традиционалниот начин на рециклирање кај нас. Низ животот на Кемал, кој како и неговите колеги, важи за најголем екологист, односно чувар на животнста средина, бидејќи сето она што луѓето безмилосно го фрлаат, тие го собираат како старо железо и го носат во отпад. Со тоа ја чистат околината и заработуваат за живот.
Бајрами 17 години работи како собирачот на отпад вели дека заработката од собирањето на стари работи е многу намалена.
– Седумнаесет години се занимавам со оваа работа, денес едвај крпиме кај со крај, но во минатото убаво се живееше. Тогаш луѓето не знаеа за откупот на старото железо, а сега работиме само за јадење, рече Кемал и додае дека најмногу се собира железо, ретко бакар, бидејќи знаат дека бакарот е поска, 220 денари е за килограм, па не оставаат лугето ние да го собереме, туку си го носат сами.
Кемал ги собира старите и расипани работи од домакинствата низ сите скопски населби и, како што самиот вели, луѓето најмногу фрлаат железо кое денес чини само седум денари за килограм.
– Луѓето кога ќе ме видат ме викаат за да им ги исчистам дворовите и подрумите, а таму најмногу има железо од стари апарати и машини. Одам во секоја скопска населба, како што се Кисела Вода, Лисиче, Карпош, Железара…. Некои луѓе работите ми ги даваат без пари, колку само да им се исчисти домот, а има и некои кои мене ми бараат пари. Дури бараат повеќе отколку што вредат работите, кажа тој.
Тој, вели, дека нема дневна заработувачка, туку како ќе му се погоди денот, како ќе му се погоди среќата.
– Денес можам да заработам 5.000 денари, а утре можам 10.000 евра, се е до денот и од луѓето што ќе решат да фрлат, тука ништо не се знае. Освен железото и бакарот, се собира и пластика и пластични шишиња, а некогаш и сребро, вели тој.
Кога Кемал пораснал немало сомените дека ова ќе биде неговата професија, бидејќи кога почнувал ова било професија од која убаво се заработува и живее.
– Таткото на мојата жена пред шест години собираше шишиња и од шест големи вреќи заработуваше 18.000 илјади денари месечно. Сега не се исплати зошто многу луѓе собираат шишиња. Понекогаш се работи и по 12 часа, но едвај може да се наполни една вреќа. А една вреќа е 230 денари, додава тој.
Затоа Кемал ова го одбрал да го работи, бидејќи, како што вели, не му се исплати да работи за 15.000 денари.
-Не дека се малку, но не ми стигаат ниту за сметки, а камо ли да ги нахрани децата сопругата и родителите. Сакам да правам куќа, но сега со оваа работа не можам, треба да земам кредити и да се заглавувам, како што е заглавена цела држава, вели Кемал.
Исто така тој ни откри дека луѓето кои ја работат истата работа живеат солидно.
– Луѓето во Топаана живает убав живот, домовите им се средени и се среќни и се што направија, постигнаа со собирање ѓубре. Но, порано друго време беше, не е како сега, вели тој.
Во оваа работа и среќата е главен фактор,луѓето понекогаш фрлаат работите и без да проверат што чистат од своите домови. Кемал ни раскажа дека некој пријател во контејнер пронашол вреќа со алишта и меѓу старите парчиња облека во вреќата пронашол 48 илјади евра.
-Но, тоа е среќа и ретко се случува, како што ретко се добива бинго, додаде тој.
Весна Петровска