До евентуално одложување на пописот може да дојде само доколку за тоа даде препорака Комисијата за заразни болести, таквата одлука не е во делокруг на Државниот завод за статистика, кој во моментов се раководи според постоечкиот оперативен план.
Ова во интервју за МИА го порача директорот на ДЗС, Апостол Симовски во врска со можноста теренското попишување, кое треба да почне на 1 април, да се одложи поради растот на новозаболените од Ковид-19 изминатиот период.
-Оваа одлука не е на Државниот завод за статистика. Доколку Комисијата за заразни болести оцени дека состојбата е таква и им препорача на Кризниот штаб и Владата и се донесат соодветни одлуки за одложување на пописот, ние ќе ги почитувани сите донесени одлуки. Засега се раководиме според постоечкиот оперативен план, истакна Симовски за МИА.
Тој уверува дека мерките содржани во Протоколот, доколку максимално се почитуваат гарантираат заштита и на попишувачите и на населението.
-Протоколот е темелно подготвен и ги опфаќа сите мерки што можат да се преземат во сите фази од подготовките и спроведувањето на пописот. Сметаме дека со максимално почитување на пропишаните мерки ќе се обезбеди заштита и на учесниците и на целокупното население. Сепак, останува на совеста и свеста на секој од нас да ги почитуваме сите пропишани мерки, бидејќи само на тој начин можеме да се заштитиме и себе си и тие околу нас, порача директорот на ДСЗ во интервјуто за МИА.
Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.
Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.
Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.
Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, пак, на став дека дали ќе одржи пописот или не, на кој начин ќе се одржува е политичка одлука, а не на Комисијата за заштита од заразни болести. Тој завчера на прес-конференција истакна дека Комисијата го изготвила Протоколот и тој е доставен до Министерство за здравство и до ДЗС.
–Во самиот дом кај семејството што се попишува, дали се работи за стан, куќа, индивидуално, и дали може да се спроведува попис со одредени епидемиолошки параметри коишто се однесуваат на превенција, тоа значи задолжително носење на заштитна маска за попишувачот и лицата кои ќе бидат попишани, дистанцата која треба да се одржува, користење на заштитна маска, користење на дизенфекциски средства, дистанца од повеќе метри, вклучително и дистанца која што треба да се спроведува и во надворешни услови, појасни Караџовски.
Дел од граѓаните стравуваат да ги пуштат попишувачите дома поради зголемениот број на заразени, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот за септември. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, попис во април ќе значи 2400 мртви поради корона. Повикувајќи се на кажувања на СЗО, Николоски завчера за Сител изјави дека едно лице кога ќе заболи додека открие дека е болно заболува најмалку 9 лица.
МИА