Херојот на Динамо Загреб има име и се вика Мислав Оршиќ. Некогашниот играч на Специја и Интер Запрешиќ беше главниот актер во неверојатниот кам-бек на „модрите“ на „Максимир“, постигнувајќи хет-трик и испраќајќи го Жозе Мурињо најверојатно во историјата.
Загрепчаните на првиот дуел минатата седмица загубија со 2:0 во Лондон во првиот дуел од 1/8 финалето од Европа Лига и кога сите мислеа дека екипата чиј тренер заврши во затвор пред неколку денови, го достигна максумумот – изненадување од невидени размери.
Динамо одигра храбро, напаѓачки ориентирано и не само што заслужи, туку и повеќе го сакаше местото помеѓу осумте најдобри во второто по квалитет натпреварување на УЕФА.
#UEL
Zagreb 3-0 Tottenham | GOAL! Orsic Hattrick 😱😱🔥🎥pic.twitter.com/uhHmUesm9H— Yeshwajoe (@Yeshwajoe) March 18, 2021
Шоуто на Оршиќ стартуваше во 62-тата минута кога „ја собра пајажината“ од мрежата на Хуго Љорис со фантастичен гол од левата страна. Истиот фудбалер во 82-та минута уште еднаш, овојпат од непосредна близина по тимска обработена акција го совлада Французинот.
Мечот отиде на продолженија двапати по 15 минути, а таму Динамо Загреб го искористи моментумот и со сигурност го одигра еден од најнезаборавните двобои во својата историја.
Првото продолжение, исто како и првите 45 минути, остана покусо за голови, а веднаш на почетокот на второто продолжение Оршиќ „се продаде“ во некој голем европски тим со третиот погодок, доволен за окончување на пласманот на Динамо Загреб во 1/4 финалето од Европа Лига. Крилото на хрватскиот претставник ја зеде топката од центарот и во индивидуална акција го матираше екс-голманот на Лион.
При крајот на 120-те минути, индиспонираниот Хари Кејн се вклопи во сивилото промашувајќи „зицер“ пред голот на Ливаковиќ. Англискиот напаѓач ја погоди само стативата. Среќата ги следеше храбрите и подобрите во овој случај.
Клубот од „Максимир“ својот противник во 1/4 финалето ќе го дознае утре од 13:00 часот.
Фото:
Тwitter / @PrvaLigaMK, @MacedonianFooty