Осум години откако МАЕИ успеа да ги врати македонските топоними во општина Пустец – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 6:39 PM

Осум години откако МАЕИ успеа да ги врати македонските топоними во општина Пустец

Лидерот на единствената македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски денес се потсети „на исправената неправда пред осум години” кога се вратија автентичните македонски топоними на Пустец и населените места во оваа општина.

Имено, на 18 март 2013 година, албанското Собрание го изгласа законот за враќање на македонското име на општина Пустец.

Оваа одлука на Парламентот, пак, ја отвори можноста да и Советот на општина Пустец во мај 2013 донесе одлука и да ги врати македонските топоними и на селата во општина Пустец, кои биле албанизирани во 70-те години на минатиот век.

-Пред да се гласа законот во Парламентот, Македонска алијанса за европска интеграција организираше петиција која масовно беше поддржана од жителите на општина Пустец, кои бараа враќање на македонските топоними. За гласање на овој закон потребни беа 84 гласови. Тогашната власт имаше 74 гласови во албанското Собрание и беше потребен консензус од трите главни политички партии во албанското Собрание, изјави Стерјовски.

Додава дека благодарение на преговорите на МАЕИ и договорот со политичките парламентарни партии Социјалистичка партија, Демократска партија и Социјалистичко движење за интеграција овој закон бил изгласан со 120 гласови „за” и без ниту еден против.

-Со оваа одлука, донесена со максимална поддршка, на тогашниот состав на законодавниот дом, беше исправена една голема неправда спрема Македонците во општина Пустец. Ова одлука на албанското Собрание ја поздравија и меѓународните организации кои го следат почитувањето на правата на малцинствата во Албанија, посочува тој.

Треба да се каже дека главни „виновници” за оваа, како што самите Македонци ја нарекоа, историска победа, се тогашниот градоначалник на Пустец и лидер на МАЕИ, Едмонд Темелко и актуелниот лидер а тогашен генерален секретар, Васил Стерјовски.

Од 1973 година, кога тогашниот комунистички режим ги сменил историските македонски топоними, до пред осум години, на пример, Пустец беше Лиќенас.