Штип: Пет вработени од ЈП Исар позитивни на ковид 19, седум во изолација, засега нема застој во работата – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 5:04 PM

Штип: Пет вработени од ЈП Исар позитивни на ковид 19, седум во изолација, засега нема застој во работата

Пет вработени од штипското ЈП Исар се позитивни на короновирусот а седумина се во изолација. Засега нема застој во работата на ЈП Исар, вели директорот на оваа јавно претпријатие, Живко Тасев .

„Имаме замени но проблем претставуваа наплатните центри, затоа што таму и двете вработени се позитивни. Засега оваа активност ја врши  вработена која што претходно е обучена, и ги остварува обврските што се потребни“, вели Тасев.

Се стабилизира и состојбата во образовните институции, каде што дури пет групи од градинките беа во изолација.Според градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов три групи веќе од утре се враќаат повторно во образовниот процес, бидејќи се негативни на ковид 19 по направените тестирања.

,,Со оглед на ситуацијата на зголемени бројки на новозаболени, дадени се препораки до инспекторите и Полицијата да се засилат контролите на транспортот на работниците. Да се почитуваат мерките и да се внимава на ограничувањата на бројот на патници при превозиот, како и секој да носи маски. Тоа веќе се спроведува на терен, но повторно апелираме сето тоа да се подигне на повисоко ниво,“ додава градоначалникот.

Општина заедно со Солидарниот фонд, од вчера го започнаа проектот за бесплатно делење на маски за заштита. Обезбедени се 40.000 маски, а во план е да се обезбедат околу 100.000 бесплатни маски, се со цел поголема заштита на граѓаните, додава Николов.

Тој потсети дека во рамките на владините мерки за зашита од короновирусот, и оваа година , втора по ред, штипјани нема да можат да се искачуваат на Исарот и да го одбележат празникот ,,Ч’трсе“, како уникатен начин да се поздрави доаѓањето на пролетта.