Недозволено и невообичаено е да се повикува сведок, кој во старт ви кажува дека не е кредибилен. Ова во изјава за медиумите го посочи адвокатот Сашо Дуковски, бранител на првообвинетиот во „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски. Тој алудираше на барањето на бизнисменот Орце Камчев, да биде изземен како сведок.
„Прво имате една невообичаена ситуација и предлагате сведок кој не е сослушан во истрагата. Зборувам за Обвинителството, користите исказ кој е даден во друг предмет кој нема врска со овој. Како капак на се’, ви кажува сведокот дека не е кредибилен. Неколку пати сам кажува и вие со неверојатна упорност се обидувате повторно да го сослушувате. Тоа оставам на стратегијата на Обвинителството, но за мене не е вообичаено и недозволено да се повикува сведок кој во старт ви кажува дека не е кредибилен“, истакна адвокатот.
Според него, Камчев кој сведочеше на денешното рочиште не кажал ништо во врска со тоа за кое бил повикан од страна на Обвинителството.
„Напротив, дејствието на извршување е дека Бојан наводно некого измамил со ветување дека ќе обезбеди државно земјиште, а сведокот Камчев кажа дека станувало збор за два проекти кои биле одбиени поради економска неисплатливост од негова страна. Но исто така децидно наведе на мое вкрстено прашање кога веќе беше сослушуван, дека станува збор за приватни парцели. Како тоа вие можете да вршите притисок за земјиште кое е приватно? Тотално непотребен беше овој сведок и нема ништо да се утврди за фактичката состојба во овој предмет. Навистина не знам зошто го викнаа кога и сам кажа дека не е кредибилен“, изјави адвокатот.
Судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ продолжува на 24 -ти март.