Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе чествуваат „По трагите на светите Кирил и Методиј” – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 1:12 PM

Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе чествуваат „По трагите на светите Кирил и Методиј”

Манифестацијата  „По трагите на светите Кирил и Методиј” оваа година е вклучена во Европската програма за регионален развој и ќе се реализира со учество на Република Чешка и на нашата земја,  покрај традиционалниот домаќин – Република Словачка.

Ова го изјави долгогодишниот организатор и иницијатор на манифестацијата  Стојан Лекоски, наш сонародник што повеќе децении живее во Словачка, кој на средбата денеска во Владата му беше претставен на премиерот Зоран Заев од  амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата предложи, а од страна на гостите беше со задоволство прифатено како укажана чест, оваа година настаните во рамките на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј” што ќе се организираат кај нас, да бидат вклучени во програмата за одбележување на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.

-Да покажеме заедно со Словачка и Чешка дека делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е од заедничка вредност за паметење и чествување на сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја, истакна премиерот Заев на средбата, се наведува во соопштението.