Првообвинетиот во „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски и’ поставуваше прашања на Агапи Дика која на денешното рочиште се појави во улога на сведок.
Дика која и самата беше дел од невладината на Јовановски посочи дека своеволно се потпишала како основач на невладината Меѓународен сојуз. Таа објасни дека не била запознаена со тоа оти првичните канцеларии кои биле предвидени за МС требало да бидат донации од страна на општина Центар, односно тогашниот градоначалник Жерновски.
На денешното вкрстено испрашување во Кривичниот суд беа презентирани компјутерски фотографии на кои самата Дика се препозна кога била присутна на некои од состаноците. Акцискиит план на МС бил презентиран и на состанок кај премиерот, Зоран Заев. Според Дика, се работело за многу краток состанок.
На прашање од Јовановски, дали тие презентирани проекти добиле поддршка од премиерот, Дика рече: „јас не знам, мислам дека добивме поддршка”.
Акцискиот план на МС бил презентиран и во општина Струмица, кога в.д градоначалник беше Костадин Костадинов. Состанок се одржал и во МВР со тогашниот министер, Оливер Спасовски. Дика рече дека предвидениот проект на Дрим Билдинг требало да се гради во општина Карпош, а на фирмата Пелистер во Битола, на свое земјиште.
Освен Јовановски, во овој предмет обвинети се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на прво обвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, Миле Јовановски се терети за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.