Македонско друштво „Илинден” – Tирана и огранокот за Голо Брдо го поздравија говорот на македонски јазик на пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски во Собранието на Република Албанија.
-Од името на сите Македонци го поздравуваме кусото по текст обраќање на Стерјовски, но од огромно значење, кое претставува еден историски момент за македонското малцинство во Албанија. Посакуваме да биде пракса и во иднина. Воедно, ја изразуваме и нашата желба Васил Стерјовски да обезбеди нов мандат за пратеник во албанското Собрание и да продолжи со ангажираноста за подобрување на животните и работните услови на Македонците во Албанија, стои во објавата на друштвото.
Се апелира до Македонците и до сите жители на округот Корча каде што Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија, масовно да излезат на гласање на 25 април и да гласаат за ова листа.
-Македонското население во Албанија е политички организирано во единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Од нејзините редови како пратеник во албанскиот Парламент македонското национално малцинство во Албанија го претставува Васил Стерјовски. Според неговите настапи и ефектите од неговата работа, Македонците имаат достоен претставник во албанскиот највисок дом. За да тоа продолжи ги повикуваме Македонците од овој округ масовно да гласаат за кандидатската листа на која е и Стерјовски, апелира друштвото.
На вчерашната пленарна седница Стерјовски, кој е и прв пратеник што јавно се декларира како Македонец, за првпат во историјата на албанскиот Парламент се обрати до Македонците во Албанија на нивниот мајчин македонски јазик.
Рече дека се гордее што бил гласот на Македонците и на сите малцинства во Албанија и се борел за општество на еднакви пред Уставот и законите.
-Почитувани сонародници, бидете горди Македонци и лојални државјани на Албанија, негувајте ги македонскиот јазик, култура, историја и традиции бидејќи и тие cе нераскинлив дел од Албанија, порача Стерјовски во неговото обраќање на македонски јазик, што е прво во историјата на албанскиот парламент.
Во објавата на друштвото се додава дека на територијата на Албанија живееле и денес живеат стотици илјади Македонци.