Ковид-19, температура, болници, страв, агонија.., сето тоа го помина фолк пејачот Баже Грујовски, за да на крај се случи среќа, да си дојде дома, во својот кревет, покрај семејството. Баже е сега добар, опоравен и, како што вели, веќе сватил дека во животот најважно е здравјето и семејството. Баже во разговор за ММС рече дека поучен од искуството, сосема го сменил начинот на живот и размислување. За почеток, за да се спаси, се исклучил од социјалните мрежи, за, како што вели, си ја спаси психата од негативностите што се пласираат во нив. Се посветил на себе си, на слушање музика и уживање. Сепак, за да се дојде до тука, требаше да помине низ премрежје кое нема да го заборави цел живот.
Беше еден од тие кои не веруваа во опасноста од короната? Што се случи?
-Како што минатата години ни раскажуваа јас мислев дека се загрозени само ранливите категории, постарите. Како мајка ми. Но, се покажа дека е обратно. Дека не се знае, дека нема правила. Дека вирусот може да погоди стари, но и помлади, кои немаат врска со болести, кои не биле никогаш на лекар, ниту, пак, пиеле апчиња. Нема правила. Правилата не ги знае никој освен самиот вирус и Господ.
Како почна се? Како се случи да заглавиш во болница и да биде прашање на живот и смрт?
-Па почна кон крајот на јануари, членови од моето пошироко семејство беа заразени, а меѓу нив и јас. А на крајот на краиштата и не е важно кој од кого се заразил. Важно е што не е од кафеани, не е од шетање. Јас и мајка ми заедно се заразивме и мајка ми помина лесно, релативно лесно спрема нејзината состојба и години. Спрема стереотипот кој го имавме дека вирусот ги напаѓа луѓето во подминати години и хронично болни, а мајка ми е хронично болна и има 82 години. Типичен школски пример за она што ни го кажуваа минатата година. Но, мајка ми, за среќа, помина добро, не ни знаеше дека има корона. А јас…!!!
Кои ти беа првите симптоми?
-Класика. Прво температура качив, па ме болеше цело тело, коски, мускули. Прва помисла ми беше дека сум настинал. И потоа кога веќе трет ден бев со температура направив тест и покажа дека сум позитивен. Сватив дека не треба да губам време, па поучен од други претходни примери, дека треба да се реагира брзо, веднаш заминав во болница. Прво бев во „8 Септември“, но по три дена ми се искомплицира состојбата. Многу се влоши. Ми рекоа дека настанала Цитогенска бура, за која јас немав поима што е и колку е опасно. Дури отпосле дознав што конкретно ми се случувало. Дека од тоа, доколку не се спречи нема спас. А спасот се случи откако по барање на моето семејство, бев префрлен во приватна болница. Од приватната болница дојдоа и ме земаа во многу тешка состојба, со кослородна боца ме однесоа. Таму веќе од наредниот ден ми ја дадоа неопходната терапија, која, како што сум информиран, не е баш достапна.
Со што те лечеа? Каква е таа терапија?
-Тоа е еден лек, кој постои, не е сега измислен, се користел за други намени, но се покажало дека има ефект при смирување на имунолошкиот систем. А тоа што јас го имав, цитокинска бура, всушност е неконтролирано дејствување на имунолошкиот систем, откако вирусот навлегол. Јас сум имал јак имунитет, но кога вирусот почнал да реагира, настанало некое пореметување, па во такви ситуации имунилошкиот систем излегува од контрола. Тоа значи продолжува да дејствува врз мртвиот вирус и непотребно ги испупшта тие цитокини, ги задушува белите дробови со токсични материи и доколку тој процес не се запре се проширува на другите органи. И така настанува крај. Мене ми се запре процесот уште во белите дробови, кои ми беа затворени и не можев да дишам. Откако ја добив таа терапија почна да се подобрува ситуацијата. Белите дробови се исчитија. Лежев три дена во „8 Септември“ и две недели во друга приватна болница.
Кој лек е тоа?
-Лекот се вика „актемра“ и не е баш достапен, се набавува од странство. Лекот постои и се користи со години и за сосема други болести, но се испоставило дека и во мојот случај го има истиот ефект. Јас немав напад директно од вирусот туку од имунолошкиот систем. Кога не би се случила таа бура јас ќе имав само пневмонија предизвикана од вирусот.
Како ги преживеа двете недели во болница? Низ каква агонија помина?
-Првите два дена беа навистина тешки. Да не драматизирам, но навистина беше тешко. Поминав и низ нешто како клиничка смрт, иако постојано бев во свесна состојба. Имав на моменти чувство како да сака да излезе душата од мене. Како да беа двајца во мене. Тоа неколку пати ми се случи. Дали беше вистина или мене само така ми се чинеше, не знам. Но, имав впечаток дека еден од мене сакаше да излезе. Прв пат во животот почувствував дупликат во мене, во тие критичните денови. Како да едниот од мене сака да излезе, дека е уморен и дека му е преку глава. Така грубо би го опишал ова чувство. Додека лежев едниот од мене потстануваше и се враќаше. Што значи тоа, какво е тоа чувство не знам да го опишам, не знам да го протолкувам, само ете едноставно го почувствував. Не сакам да речам дека сум доживеал клиничка смрт, бидејки јас постојано бев свесен или полусвесен, дишев со помош на кислород. Па мене само 5-10 проценти ми беа здрави белите дробови, се друго било блокирано. Тоа се гледа и на снимката. А за лекот ми рекоа дека го нема на државните клиники затоа што е многу скап и затоа што не е препорачан од СЗО. Многу клиники во светот го користеле како докажана метода за запирање на цитокинска бура.
Сега веќе можеш да држиш совети по ковид искуство…
-После се сакал- не сакал морав да научам. И откако се заврши почнав да читам и да се интересирам што се случувало. Инаку, во тие тешки моменти ниту сакав да читам ниту да гледам, ниту, пак, можев добро да расудувам.
Беше ли на моменти исплашен дека тука е крајот?
-Да, имаше такви моменти. Состојбата навистина беше критична и на моменти дури помислив дека крајот е близу. И сите тие настани влијаат на психата. Човек треба да елиминира многу фактори за да си помогне после се. Јас на пример веднаш штом излегов од болница се одлогирав од социјални мрежи, кои и онака се стресни. Сето тоа влијае на психата, особено ако видиш некролог на луѓе кои ги знаеш. Престанав да гледам телевизија, особено вести. Ете тоа е моја препорака. Да се свртат кон себе си, бидејки мислам дека социјалните мрежи колку се забава повеќе се оптоварување на психата, особено во ова лудо време со премногу смртни случаи. Можеби ние не го регистрираме, но нашата потсвест го регистрира. Така што јас тоа го направив и убаво ми е. Воопшто не отворам социјални мрежи и немам потреба од тоа. Се свртев кон музиката, гледам документаци, на интернет гледам се она што мене ме интересира. Нешто убаво. Тоа би го препрорачал на сите кои поминале доста стресни работи во животот, особено сега. Знаеме дека луѓето немаат избор за забава и дружење, се е со маски, дистанци.
Лугето се чудат зошто толку многу заглави, а ниту си пиел, ниту пушел и водиш здрав живот?
-Можеби тоа ме спаси, па брзо се регенерирав. Не можам да кажам дека сум живеел монашки живот, да сум се дружел, но сум бил умерен и во пиење и понекогаш сум палел цигара. Ма јас не ни знаев што ми се случува и што е тоа цитокинска бура. Кога заминав во болница ми рекоа не сум дошол во пет до 12, туку во 12 и пет. Сум го фатил последниот воз. Малку недостасувало да се прошири. Кај мене се сопре на белите дробови. Затоа велам дека вирусот е деликатен и мистериозен и сеуште нема одговори. Јас како лаик или пациент не можам да навлезам во тоа дали е хибриден или природен, но и тоа веќе не е примарно, туку примарно е да се заштитиме, со маски, дистанца, миење раце и да се избегнуваат масовни собири.
Како се почувствува кога излезе од болница, кога си дојде дома и конечно легна во твојот кревет?
Баже со сопругата Ирена и синот Марко, непосредно пред да се разболи
-Хахахаха… Едвај чекав. Самиот престој во ковид центарот е сосема поразличен. Таму едноставно две недели не видов лик на медицинските лица, сите се исти со скафандери, само очите им се гледаат. Ги препознаваш по наочарите или по глас. Само, таквата состојба многу влијае на психата. Па, јас кога излегов од болница не можев да стојам на нозе. Имав долг период на нејадење, ослабев над осум килограми, мускулите скоро и да ми беа атрофирани. Имав едно две недели период кога ништо не јадев, бев истоштен од терапии, но радоста беше голема. Јас си одев дома! Веќе неколку дена откако стасав дома јас се преродив и почнав да јадам. Станав нов човек. Еве сега по 20тина дена јас сум речиси на мојата идеална тежина што си ја имав. Сега се хранам здраво, со овошје зеленчук, секој ден салата, наутро пијам сируп што сам си го направив. Сируп за имунитет од мед, маслиново и лимон. Невестата ми прави смути и супер е.
Значи невестата дома ептен се грижи за тебе?
-Да, таа најмногу ми помогна во целата работа. Таа беше иницијатор да ме префрлат во приватна клиника и дома максимално ме негува. Дури и јас морам нејзе да ја враќам во нормала бидејќи тие денови доживеа голем стрес. Мислам дека и должам многу. Без неа не знам дали ќе се излекував. Таа е медицинско лице и има познавања. Мисли за се, кога да примам терапија, што да јадам. Мене сето ова ми се случи на 28 јануари и еве до сега, да чукнам во дрво, се е во ред. Многу се измачив. Ама откако дојдов дома се преродив, навистина. Вчера бев на контрола и се е во ред. Она што јас го сватив е дека цела година одев на разни места, се движев секаде, и не се заразив никаде. Мислам дека Корона се фаќа во затворен простор и престој подолго време со заразено лице. Тоа е моето искуство. Ете не се знае каде може да се фати корона, нема сомнителни места, нема безбедни и небезбедни. Нема правила. И да не се лажат луѓето дека ако се здрави и прави, немаат никакви болести и имаат силен имунитет ништо не им може Короната. Во мојот случај се покажа спротивното.
Дали ќе се вакцинираш?
-Лекарот ми рече дека е пожелно да се вакцинирам, бидејќи после неколку месеци од заразата со Короната нема гаранција. За секој случај. Таа има имунитет неколку месеци и никој не знае колку месеци се тоа. Не би сакал повторно да го преживеам истото и секако доколку може, ќе се вакцинирам. Јас порано мислев дека нема потреба да се вакцинирам, ете здрав и прав сум, Короната не е опасна ама сега имам сосема друго мислење. Друго е кога ти кажуваат, а друго е кога ќе поминеш низ проблемот. И сега навистина сакам да им се заблагодарам на сите кои се грижеа и кои се молеа за мене. Таа поддршка многу ми значеше, ме држеже, ми даваше сила. Навистина листата на кои сакам да се заблагодарам е голема, не би сакал некого да пропуштам и затоа ќе им кажам благодарам на сите, на лекарите, на останатиот медицински персонал, на пријателите, семејството… На сите. Тоа било поминало и никогаш да не се повтори, ниту на мене, ниту на никој друг. И што побрзо да почнеме да живееме нормален живот.
Дали знаеш дека додека ти се бореше за живот угостителите и естрадата штрајуваа? Тие се најпогодени во оваа состојба…
-Знам. Ситуацијата е тешка и сите се молиме што побрзо да заврши. Ние сме најпогодени, цела година сме затворени. Најуништени, без никака активност и приходи. Затоа сме солидарни едни со други. Јас сум свесен дека Комисијата не дозволува прослави, а се дозволени други ризични активности, како преполни пазари, преполни автобуси, редови пред банка. Можеби ќе речат не е исто како семејна прослава, и не знам што да кажам и што да мислам. Сакам сите кои сме во оваа фела и други загрозени професии што побезболно да го поминат овој период. Знам како е. И јас го поминувам тоа. Без приходи, со трошоци, а сега со болеста па болница, па лекови, прегледи…
Колку те чинеше?
-Многу… Но, парите се наоѓаат, здравје не се наоѓа. Затоа останува само да внимаваме и да се молиме што побргу да помине оваа невоља во цел свет. Среќен сум што сум здрав и жив и што сум со семејството. Научив некои лекции и мислам дека секое искуство на човек му е школо. Се кристализираат некои приоритети. Тогаш, во такви моменти сваќаш што е најважно, а тоа е здравјето и семејството.
Весна Миленковска