Инвестиции во центрите за култура и план за одржување на културата во лето – ММС
ММС

Објавено на: 03/17/21 5:35 PM

Инвестиции во центрите за култура и план за одржување на културата во лето

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска одржа онлајн работен состанок со директорите на центрите за култура, на кој стана збор за активностите на овие институции од областа на културата, но и за инвестициите кои, со поддршка од Министерството за култура ќе се реализираат до крајот на годинава.

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, директорите на центрите за култура ја информираа министерката за својата работа во услови на светска пандемија, како и за реализацијата на проектите со почитување на сите протоколи. На средбата се разговараше за реално планирање на програмските содржини во ковид услови особено во летниот период кога се нудат пооптимални услови за реализација на програмите на отворени, алтернативни простори.

Беше посочено дека институциите се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг и застарена опрема, како и недостиг од технички и административен стручен кадар.

На средбата се разговараше и за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата за 2021 година. Беше посочено дека со овие проекти, ќе се подобрат условите за функцинирање на центрите за култура.

Беше истакнато дека во Годишната програма за инвестиции за 2021 година се издвоени средства за изведба на реконструкција на центрите за култура во Куманово (зградата на театарот) и во Гостивар, а во Центарот за култура во Кочани продолжува реконструкцијата на објектот, каде што веќе е започната изведбата на првата фаза од реконструцијата, односно извршена е промена на фасадата, фасадната столарија и на покривот.

Годинава ќе се обезбедува и проектно-техничката документација за реконструкција на Центарот за култура во Прилеп, со доградба и надградба на објектот, со цел обезбедување простор за работа на театарот, како и проектно-техничката документација за реконструкција на објектот на Центарот за култура во Струмица, а се обезбедени средства и за изведба на систем за гасификација во објектот на Центарот за култура во Куманово. Меѓу проектите што ќе се реализираат оваа година се и реконструкцијата на покривната конструкција во Центарот за култура во Тетово, набавка на видеонадзор и инсталација на целокупната опрема за видеонадзор за потребите на Центарот за култура во Струга и други набавки на техничка опрема за установите.

На средбата, министерката за култура Стефоска ја нагласи важноста на овие институции чие соодветно функционирање е од особено значење за развојот на културата во градовите и во општините и посочи дека од директорите и воопшто од институциите очекува конструктивност, професионалност и координативен однос во работата. Исто така, ја истакна и потребата од активна соработка со единиците на локалната самоуправа, во интерес на граѓаните, и реализација на повеќе активности кои се од значење за развој на културата во општините, стои во соопштението.