Тивко, мирно и без преголема медиумска покриеност и еуфорија, Никола Вучевиќ по пристигнувањето во НБА лигата во 2011 година од црногорски Будуќност, остава свој играчки препознатлив печат.
Црногорскиот репрезентативец центар без никакво сомнение стана ѕвездата број еден во Орландо Меџик, а 25-те поени во просек по меч сезонава беа препознаени од фановите, капитените кои ги избираа тимовите за „Ол старот“ во Атланта, но и големите тренерски имиња во лигата.
Иако Меџик не брилијира во оваа кампања, напротив, има забележано само 13 победи и 26 порази, финалистот на „Skills challenge“ претставува единствена светла точка во франшизата од Флорида.
Последниот пораз за Орландо пристигна по дуелот со Мајами Хит, каде што Вучевиќ „сам на грб“ се обидуваше да стави крај на лошата серија, додавајќи на свое конто 38 поени, десет скокови, две украдени топки и шест асистенции.
На неговото феноменалното индивидуално издание не остана имун ниту стратегот на Мајами, Ерик Споелстра. За него, Вучевиќ е модерен Дирк Новицки.
-Тој со текот на годините станува подобар и подобар. Оваа сезона е најдобра досега во неговата кариера. Одлично игра сезони наназад и секогаш ни креира проблеми кога играме против нив. Доколку внимателно ја следите неговата игра, гледате во модерен Дирк Новицки, изјави Споелстра.
Вучевиќ се заблагодари на комплиментите по завршувањето на мечот, велејќи дека не ги поседува квалитетите и движењата на Дирк Новицки и дека големо е задоволството да се стави неговото име до она на еден од најдобрите кошаркари што некогаш заиграле во НБА лигата.
Фото:
sbnation.com