Организација за човекови права денес објави дека најмалку 183 лица се убиени во Мјанмар од неодамнешниот воен удар во земјата, а 20 лица се убиени само вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на жртви драстично се зголемува“, се вели во извештајот на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP).
„Заклучно со вчерашниот ден, вкупно 2.175 лица се приведени, обвинети или осудени од властите во врска со пучот на 1 февруари“, се наведува од Здружението.
Иако жртвите главно се демонстранти против пучот, Здружението соопшти дека документирале и убиства на други лица што не биле вклучени во демонстрациите.
Во извештајот се вели дека хунтата синоќа низ целата земја ја прекинала и мобилната интернет-мрежа, како и електричната енергија во неколку градови.
„Овие прекршувања на човековите права и насилството можат да бидат влошени особено во текот на ноќта без комуникација преку интернет, при што сакаат да им оневозможат на луѓето да се координираат за протести“, се вели во извештајот на Здружението за помош на политичките затвореници.
Мјанмарскиот режим вчера воведе воена состојба во уште девет области во градовите Јангон и Мандалај, по еден ден откако безбедносните сили убија речиси 40 демонстранти кои бараа враќање на цивилното право.