Денес не верувам дека на некој ќе му падне на памет да прислушува разговори незаконски. Дванаесет години е казната. Еве испорачана е. Тоа е пораката која што судот ја испорача за поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, изјави премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање по денешното обраќање во кое ја побара поддршката од членството на СДСМ за нов трет мандат в недела.
– Многу луѓе видоа некој гнев веројатно во моите очи на прес-конференцијата во вторникот кога го принудивме Сашо Мијалков да се пријави и викаат, знаете моите социјалдемократи – шефе така, цврста рака. Нема повредно од слободата и демократијата. Цврстата рака, реков, значи режим. На крајот имаме критики, основани и неосновани. Имаме секакви луѓе во државата, тоа е нашиот народ. Но, луѓе – секакви се. Важно е да имаат слобода на општење, слобода на изразување и да не се плашиме од тоа. На крајот, секој наш граѓанин одлучува што е најдобро за него, за неговото семејство и за неговата татковина Република Северна Македонија, потенцира Заев.
Истовремено, нагласи тој, целиот овој процес секако дека не е завршен.
– Прво, сите осудени луѓе имаат право на второстепеност, на Врховен суд, на Стразбур, и тоа е всушност и правниот систем. Дел луѓе се по судски рочишта, немаат свои пресуди, рече Заев.
За него како претседател на Владата, за извршната власт, подвлече, е важно судските процеси да завршат со пресуди што значат констатирање на доказните постапки и законите. Ако нема докази, нагласи Заев, никој не е виновен. Ако има докази, порача, секој да си одговара согласно доказите во судски постапки.
Убеден е дека не треба ништо да не одврати од слободата, од демократијата, од отчетноста, од транспарентноста. Тие се, според него, најсериозните гарантори на враќање на правдата во државата, на отчетноста и ефикасноста во работењето на сите институции – претседател на државата, парламент, извршна власт, локална, судска власт, сите власти во државата. Седмата сила – новинарите, потенцира Заев, давате сериозен прилог во тоа.
– Денеска нема купени медиуми. Денеска нема потплатени од буџетски пари, од народни пари медиуми. Нема денеска заплашени новинари. Јас се надевам дека Јавното обвинителство ќе биде уште попрецизно и посветено кога се работи за закани кон новинари, за кратење на правото на истражувачко новинарство, на работа на новинарската фела. Верувајте не случајно ја викаат седмата сила. Таа е од голема помош, е пораката упатена од премиерот Заев.
Потсети дека од истата говорница од СДСМ 34 пати се објавуваа т.н. политички бомби. Секоја бомба, наведе Заев, завршуваше со реченицата „Да не се повтори никогаш повеќе“.– После 11 години сериозни сомневања, во огромни милиони, стотици милиони, некои зборуваа и милијарди украдени пари, туѓи пари, незаработени пари насекаде во светот, па и во нашата земја рушат систем. И не е лесно да создадете услови каде што ќе се дочекаат завршници на судски процеси, појаснуваше Заев.
Меѓу другото додаде дека денес имаме отворени судници, новинарите седат позади лицата што се осомничени, обвинети или позади нивните бранители, позади нивните обвинители или слично.
– Денеска целиот наш народ е будното око на правдата. Веројатно тоа овозможи транспарентни постапки, постапки коишто секој судија, секој обвинител, па дури и ние многу почесто од судиите и обвинителите сме исправени пред одговорност секогаш, рече премиерот.
Драго ми е, подвлече, што можам да кажам денеска дека извршната власт која што ја управувам овозможила услови во независното правосудство да работи, но истовремено овозможивме одговорност, транспарентност, отчетност на извршната власт и респонзивност. Според него, многу често знаат да се коригираат, да се повлечат, како што рече, два чекори назад, да се поправат, да слушнат што зборува народот – тоа е, истакна Заев, демократијата и слободата.